Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, извршија увид во градежните работи за промена на водоводната мрежа на улицата „Георге Георгиу – Деж“, во урбаната заедница „Ѓогдере“.
„Старата поцинкувана мрежа се заменува со полиетиленска, а благодарение на ЈКП ‘Водовод и канализација’, во најголемиот дел од градот променета е и водоводната, и канализационата мрежа. Денеска разговаравме со жителите од урбаната заедница и се договоривме што е тоа што треба да се направи сега, а што во периодот кој следи. Ние сме тука за нив, постоиме за граѓаните и секогаш заедно ќе ги решаваме потребите и приоритетите на сите урбани заедници“, изјави градоначалникот Јованоски.
Проблемот со квалитетот на водата за пиење кој го имаа жителите од улицата „Георге Георгиу – Деж“, што се должеше на застареноста на водоводната мрежа, беше причина ЈКП „Водовод и канализација“ да пристапи кон нејзина комплетна замена.
„Цевките се стари 50-60 години, тие се поцинкувани, а нема ниту циркулација на водниот режим. Од тие причини, јавното комунално претпријатие изведува нова полиетиленска линија на улицата ‘Георге Георгиу – Деж’ во должина од 140 метра, или заедно со 19-те куќни приклучоци, околу 200 метра. Истовремено, ќе биде реконструирана и улицата ‘Брегалничка’, а на улицата ‘Климент Охридски’ ќе биде заменета старата азбестно-бетонска линија со нова полиетиленска. Истовремено, таа ќе биде продолжена за уште 70 метра се’ до улицата ‘Никола Вапцаров’, за да може да се обезбеди циркулација на водниот режим, со што граѓаните од овој дел на градот ќе имаат квалитетна вода за пиење“, истакна првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.