Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ работат на реконструкција на улиците во градот и, истовремено, отстранување на проблемите во градската водоводна мрежа.

Една од улиците на кои деновиве се работи, е Кеј „4.Јули“, по целата нејзина должина: од улицата „Васко Карангелески“, до улицата „Јоска Јорданоски“. На оваа улица целосно се отстранува стариот и се поставува нов слој на асфалт. Истовремено, ЈКП „Водовод и канализација“, на свој трошок, ја заменува старата азбест-цементна мрежа со нови цевки, изработени од современ полиетиленски материјал. На овој начин ќе бидат заменети цевки во вкупна должина од околу 500 метри, а во соработка со локалното население ќе бидат заменети и 30-40 домашни приклучоци.

Од ЈКП „Водовод и канализација“ информираат дека и во иднина ќе продолжат со замена на старата асбест-цементна мрежа со современи полиетиленски цевки, и тоа на сите улици кои се во Програмата за реконструкција на прилепската локална самоуправа.