Се подобруваат условите за работа на Центарот за лица со интелектуална попреченост ПОРАКА

Се подобруваат условите за работа на Центарот за лица со интелектуална попреченост ПОРАКА

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА од
Прилеп, ќе добие на користење уште две простории, со што значително ќе се
подобрат условите за работа на корисниците на Центарот. Тоа денеска го најави
градоначалникот Илија Јованоски, за време на посетата на просториите на
ПОРАКА, кои се наоѓаат во старата зграда на Општина Прилеп.

„Мораме да најдеме начин да се вклучиме во инклузивниот дел од социјалната
сфера на нашето општество. Оваа наша денешна посета ќе биде поттик и на
останатите здруженија, да се угледаат на тоа што го прави ПОРАКА, затоа што
најголемиот дел од родителите на лицата кои го посетуваат Центарот, работат
како волонтери. Како градоначалник, фокусиран сум на оваа група на лица со
попреченост. Во тек е постапката за изградба на Центар за деца со церебрална
парализа и, како што ветив, во текот на оваа година тоа ќе биде реализирано“,
изјави градоначалникот Јованоски.

Се подобруваат условите за работа на Центарот за лица со интелектуална попреченост ПОРАКА

Во исто време, Јованоски најави дека за скоро време, во соработка со Програмата
за развој на Обединетите Нации УНДП, Општина Прилеп ќе обезбеди стручен
кадар кој ќе им помага на лицата со интелектуална попреченост.

Претседателот на здружението ПОРАКА од Прилеп, Раде Аљакоски, рече дека во
изминатите три и пол години колку што работи здружението, постигнат е огромен
напредок кај овие лица.

„Ако зборуваме за некаде пред дваесетина години, ова беше поим дека може да
има социјални клубови, Дневни центри и мали групни домови. Со помош на
локалната самоуправа и помошта на одредени министерства, појдовме многу
далеку, а со потпишувањето на Женевската конвенција, работите полека се
средуваат. Ова треба да биде поттик за останатите градови од Република
Македонија, како треба да им се помага на лицата со интелектуална попреченост
и сите други попречености“, вели Аљакоски.

Како родител на дете со „Даунов синдром“, Емилија Котеска ги посочи проблемите
на родителите кои имаат деца со интелектуална или друга попреченост.

„Секојдневното останување дома за нашите деца кои имаат над 18 години, е
проблем. Јас сум самохран родител на две деца и останувањето на мојата ќерка
дома е поголем проблем отколку да се социјализира, затоа што се затвора сама
во себе. Со идењето во овој клуб во изминатите три и пол години, постигнат е
голем напредок. Навистина сум благодарна за тоа, бидејќи самотијата е голем
проблем за неа. Би сакала овој клуб да прерасне во Дневен центар, каде нашите
деца би можеле секојдневно да се дружат, да работат и да имаат некакви
активности“, потенцира Котеска.

Социјалниот клуб на Центарот за поддршка на лица со интелектуална
попреченост ПОРАКА од Прилеп, во моментов го посетуваат 20 лица, а со
проширувањето со новите простории, нивниот број ќе биде зголемен за уште
десетина лица. Според старите списоци со кои располага здружението ПОРАКА,
во Прилеп живеат околу 400 лица со лесна, умерена и тешка попреченост.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …