Не ни се пишува ништо добро бидејќи и ова „случување на народот“ е исто како и во изминатите 35 години на митингување. Пишува Ерол Ризаов.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, имал само десет години кога првпат е употребена многу примамливата митингашка крилатица: „Десио се народ“. Поради детската возраст тогаш, може и донекаде денес да му се прости што трипати во својот говор, величајќи го митингот пред владата, 35 години подоцна, ги употреби истите зборови кои беа предвесник на крвавиот распад на Југославија, најголемиот воен ужас во Европа по Втората светска војна кој може да го надмине само војната во Украина.
Да се бави човек професионално со политика и згора партиски лидер со обнародена амбиција дека е идниот премиер би требало да значи дека ги проучил настаните и од блиското минато кои можат да бидат добра поука и за митингашки настапи. Но, нејсе, ако тој не знаел морал некој од неговите блиски соработници да му укаже дека не е баш пристоен и оптимистички слоганот „се случи народ”. По здодевниот и морски говор на Мицкоски и ова негово случување на народ е како и сите други на кои бевме сведоци. Судејќи по тие резултати не ни се пишува ништо добро.
Не е на одмет еден мал потсетник како дојде до случувања на народот. На митинг во Белград на 19 ноември 1988 година на кој зборуваше српскиот вожд Слободан Милошевиќ, познатиот српски писател Милован Витезовиќ им се обрати на граѓаните приврзеници на Милошевиќ со зборовите:„ почитуван народе нашата историја оваа година ќе ја запамети како година во која се случи народ.“
Како почнуваат почетоците на крајот
По тој „историски“ митинг во Белград следуваа серија митинзи кои ги организира режимот на Милошевиќ против народните непријатели и предавници, оквалификувани од режимските поддржувачи како митинзи на вистината, на солидарноста и на единството кои секогаш водеа кон големи изборни победи. Сите тогашни митинзи, а и најголемиот број по нив беа проследени со слоганот се случи народ.
Особено тоа стана задолжителна порака по големиот митинг на Газиместан на Косово на 28 јуни 1989 на Видовден при одбележување на 600 години од Косовската битка во 1389 година. На тој митинг, кој е оквалификуван како почеток на крајот на Југославија, според разни проценки од квадратурата на теренот до слободните еуфорични наддавања, присуствувале од 500.000 преку милион, па до два милиона луѓе од цела тогашна Југославија и од дијаспората. Тие историски датуми на големите народни собири кои ја кажуваат вистината, единството, солидарноста, еднаквоста без оглед на националната и верската припадност, станаа главната регрутна сила за мобилизација на илјадници луѓе подготвени да ја спасуваат со оружје, секој својата татковина која се простира како што нацртале на салфети балканските вождови.
Тие националистички митингувања продуцираа само омраза кои завршија со крвави војни чии ужасни последици се уште се најголемата причина за односите меѓу земјите на западниот Балкан, но и за воздржаноста на Европа за порешителен пристап кон европските интеграции со овој регион.
Со паролите „доста беше, се случи народ, никој не може да ни згази на достинството, народот дојде по своето, остануваме свои на своето” и уште стотици патриотски пароли кои и денес, по 35 години се главен потпалувач на масите на анахроните митинзи, почна крвавиот распад на Југославија кој ги имаше сите обележја и на територијална агресија и на граѓанска војна, поттикната токму со национална и верска нетрпеливост со гласно манифестиран шовинизам и милитантен национализам и хегемонизам.
Големото чудо– 16 луѓе во „фиќо”
Тоа крвопролевање и илјадници жртви и разорувања немаше да се случат доколку омразата не почна од митинзите каде политичките лидери заробеници на историјата и географијата божем повикувајќи на единство и еднаквост повикуваа на меѓусебна омраза без која не е можна војна.
Стратезите на овие злосторства впрегнати во спасување на националните интереси пишуваа меморандуми и декларации во научните кабинети.
Сите сличности тогаш и сега на тие митинзи и сенародни протести и овој што се одржа во саботата пред владата анализирајќи го говорот на Мицкоски може да се каже дека се случајни, или сосема намерни, во зависност од кој агол ги гледате митинзите на Милошевиќ и неговите следбеници со овој на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Колку и да се големи разликите и сличностите, трагичните последици можат да бидат исти, оти предавствата на народните непријатели и продажбата на националните и државни интереси беа главната реторика и порака до граѓаните и на овој митинг.
Како и да е , Мицкоски поради спектакуларната најава дека ќе се случи чудо, имаше силна потреба овој митинг да го изедначи со прославата на независноста на Република Македонија по референдумот за самостојност од 8 септември 1991 година препишувајќи го тоа како голема заслуга само на ВМРО ДПМНЕ. Тоа, како што рече, му влегло длабоко во сеќавање како на 13 годишно момче. Но тоа не беше доволно уверливо ако овој митинг Мицкоски не го прогласеше за најголем народен собир, по 8 септември 1991 година што треба да го оправда како сенароден, а не партиски и како стратегија за одржување на тензии до изборите кога и да се одржат.
Веќе утредента овој митинг, партискиот штаб на ВМРО ДПМНЕ го официјализира со присуство на 80.000 граѓани и го прогласи како досега најголем граѓански протест. Би било многу интересно Мицкоски во некоја прилика како доктор проф. на егазактни науки и како што сам има обичај да се пофали како добар математичар, да објасни и емпириски да докаже, како тоа успеале да сместат 80.000 луѓе на простор помалку од 15.000 квадратни метри колку што зафаќа целиот слободен простор пред владата до каде допираше присуството на луѓе и притоа слободно и без потешкотии да се движат, што јасно покажува дека во најголемиот дел од просторот немало повеќе од еден човек на квадратен метар. Тоа е исто како 16 луѓе да сместите во некогаш популарното фиќо.