„И покрај алармантното предупредување на Мисијата на УНЕСКО од 2020 година во однос на Охридското Езеро, дека продолжување на трансформацијата води до точка по која нема враќање, нашата земја останува посветена на фарсата додека вредностите неповратно се губат“, велат од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ по повод 21 јуни, Денот на Охридското Езеро.
Оттаму додаваат дека и Бернската конвенција во својата последна одлука од април 2022 година им порача на македонските власти дека „краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откако природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“.
За жал, велат од „Фронт 21/42“ сè уште нема ниту еден сигнал дека ваквите пораки стигнале до било кое одговорно лице во земјава.
Тие потсетуваат оти во светот постојат само дваесеттина древни езера постари од 1 милион години, а од нив на Европскиот континент се наоѓаат две – Охридското и Преспанското Езеро.
Како што додаваат од „Фронт 21/42“, вредностите на Охридското Езеро се од планетарен размер – како дом на над 1.200 видови, според единица површина Охридското Езеро има убедливо највисок индекс на биодиверзитет од сите езера во светот. Над 200 од тие видови се ендемски и ги нема на ниту едно друго место. Охридското Езеро е музеј на живи фосили, древни видови кои во неговите води постојат над 2 милиони години и кои се бесценет извор на научни истражувања на еволуцијата на видовите.
„Денес, на неговиот ден, додека сè уште го имаме, да го прославиме природниот феномен со кој имаме чест да живееме. А, на носителите на одлуки да им порачаме: сè уште не е предоцна за да се спаси „шумата“. Денес нека биде денот кога засекогаш ќе го напуштите патот кој води до неповратно уништување на највредното природно богатство во државата“, велат од Еколошкото здружение „Фронт 21/42“.
Извор: МЕТА