Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 47 седница, на која расправаа во прашања од интерес на граѓаните.

„Советот донесе Одлука со која го овласти градоначалникот Илија Јованоски, до комисијата при Министерството за образование и наука да поднесе барање за начинот на кој ќе се изведува наставата во прилепските основни и средни училишта. На денешната седница во фокусот беа Годишните извештаи и Годишните програми за работа на училиштата за учебната 2019/2020, односно 2020/2021 година. На седницата се комплетираа редовните комисии кои работат во состав на Советот, а се донесоа и повеќе Одлуки за легализација на бесправно изградени објекти на физички лица од општина Прилеп“, изјави претседателката на општинскиот Совет, Еленче Ташкоска.

„Во тек се подготовките за почетокот на новата учебна година. До секој 10-ти во месецот, училиштата посебно ќе доставуваат барање за настава со физичко присуство. Но пред да се достави барањето, училиштето треба да исполнува одредени услови за физичко присуство. Во училиштата спроведовме анкета, при што ги прашавме родителите за каков вид настава се. Во средното училиште „Орде Чопела“, 75 отсто од родителите се изјаснија за настава со физичко присуство, а на ниво на општина тој процент е околу 85. Во училиштата кои ги исполнуваат условите, се побара да има настава со физичко присуство, а во другите наставата ќе се одвива онлајн, за што во тек е обука на наставниот кадар за националната платформа. Националната платформа е лесна е за употреба. Има 33 национални обучувачи. Платформата нуди многу можности за наставникот и за ученикот и се надевам дека ќе биде успешна“, изјави директорката на СОУ „Орде Чопела“, Анета Пејоска.

Таа потенцираше дека постојат услови, наставата во средните училишта да се одвива со физичко присуство, за што постојат протоколи кои училиштата ги добиле од Министерството за образование.

На денешната 47 седница, советниците им дадоа согласност на Годишните планови за вработување во 2021 година во ЕЛС Општина Прилеп и јавните претпријатија.