Секој работен ден од 8 до 12 часот, бесплатен превоз за прилепските пензионери

Секој работен ден од 8 до 12 часот, бесплатен превоз за прилепските пензионери

На денешната 12-та седница, Советот на Општина Прилеп, меѓу другите донесе и одлука за дополнителни 2 часа бесплатен градски превоз за пензионери, односно жени позрасни од 62 години и мажи од 64 години.  Ова практично значи дека секој работен ден овие граѓани бесплатно ќе се возат со автобусите на ЈП ПУП од 8 до 12 часот.

„Една од поважните одлуки што ги донесе Советот, е да се воведе бесплатен градски превоз за пензионерите, односно граѓаните на општина Прилеп, со навршени 62 години ( жени) и 64 години (мажи). Ова беше надополнување на одлуката, што ја донесовме на претходната седница, со продолжување на бесплатниот превоз. Почетокот на бесплатниот превоз ќе биде од 8 часот сѐ до 12 часот, секој работен ден. Советот му даде обврска на директорот на ЈП за ПУП на следната седница да поднесе извештај дали може да се прошири опфатот на некои други категории граѓани, кои имаат потреба од бесплатен градски превоз, односно дали би имало финансиски импликации врз јавното претпријатие, ако оваа одлука важи и во сабота и во недела“, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

Оваа Одлука на прилепскиот Совет доаѓа по сугестиите на пензионерите по примена на првата одлука, според којашто им беше одобрен бесплатен градски превоз од 2 часа. На средби со градоначалникот Илија Јованоски тие потенцираа дека оваа бенефиција би ја искористиле во целост,ндоколку имаат можност барем до пладне превозот да биде за нив бесплатен.

Градоначалникот Јованоски,којшто и за време на изборната кампања ја истакна посебно поддршката за пензионерите и ја најави оваа мерка, се заложи оваа категорија граѓани да имаат бесплатен превоз од 4 часа, со што ќе им се олесни и семејниот буџет.

Прилепските советници денеска расправаа и по точката за давање согласност на одлуката на Владата за основање регионална депонија и потребната инфраструктура за Пелагонискиот регион. Во своето излагање, вд директорот на ЈКП „Комуналец“, Ѕвонко Јованоски, ја образложи неопходноста од изградба на регионална депонија, која е од огромна важност за граѓаните на Прилеп.

„Концептот за интегрирано регионално управување со отпадот е преземен од претходната Влада, некаде во 2010 година. По налог на ЕУ направени се многу истражувања, и предвидено е изградба на таква депонија во општина Могила, каде отпадот ќе го депонираат Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Ресен и Крушево. Со овој систем кој сега ние го имаме, ова не се депонии туку ѓубришта, со кои ја загадуваме сопствената средина, ја загадуваме земјата, подземните води и воздухот. Со концептот на интегрирано управување на отпадот, ќе се стимулираат општините и граѓаните што повеќе да го селектираат отпадот, а што помалку да го депонираат, во тоа се состои добивката“, објасни Јованоски.

Предлог одлуката беше изгласана од владејачкото мнозинство во Советот предводено од СДСМ, а од причина што, како што рекоа „немаат доволно информации“,советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.

Советниците дадоа согласност за утврдување на надоместокот на пазарните услуги на ЈКП „Пазари“. Ги изгласаа предлог одлуките за спроведување на Програмата за управување со отпад на ЈКП „Комуналец“ и за усвојување на Годишната сметка за 2017 година на ова јавно претпријатие. Поддршката на советниците ја доби и одлуката за доделување средства на здруженијата на граѓани, фондации и спортски клубови во областите од надлежност на Општината. Изгласани беа и годишните сметки на неколку основни и средни училишта, а им беше дадена согласност на Програмите за изведување на научно-наставни екскурзии за трето, шесто и деветто одделение на основните училишта од Мало Коњари и Тополчани.

 

 

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …