Секојдневието во Русија: Тмурно расположение и бесни граѓани

Секојдневието во Русија: Тмурно расположение и бесни граѓани

Недостатокот на гориво го нарушува секојдневниот живот. Незадоволството од платите расте, додека изгледите за вработување слабеат. Планирањето за иднината му отстапи место на краткорочно справување, бидејќи вознемиреноста се шири низ Русија.

Дури и најголемите руски агенции за истражување на јавното мислење, вклучувајќи ги државните ВЦИОМ и ФOM, како и независниот центар Левада, бележат јасен пад на расположението на граѓаните. Кремљ, меѓутоа, инсистира дека ситуацијата е стабилна. ДВ ги покани корисниците на своите социјални мрежи да ги споделат своите искуства. Сите одговори се анонимизирани од безбедносни причини.

„Ако воопшто има бензин, редиците се огромни – од 50 до 100 автомобили“

Еден претплатник на ДВ од московскиот округ Печатники опиша неодамнешен обид за полнење гориво доцна во ноќта, возејќи околу 40 километри во потрага по пумпа која има залихи.

„Ако некаде воопшто има бензин, редиците се огромни, 50 до 100 автомобили“, рече тој. „Одлучивме дека не е паметно да чекаме до три или четири часот наутро, а потоа веднаш да одиме на работа, па се вративме дома да спиеме. Во моментов имаме половина резервоар, но до крајот на неделата ќе мора или да бараме бензин или да го оставиме автомобилот паркиран. Во последно време, го користиме автомобилот речиси исклучиво за да одиме во викендичката и да ги посетиме нашите постари родители.“

„Сега мора да се бара бензин ноќе. Не секогаш имате среќа. Честопати воопшто нема. А кога има, се чека два до три часа“, рече друг претплатник.

Недостатокот на гориво, предизвикан од нападите со украински дронови врз руските рафинерии за нафта, стана една од главните причини за незадоволството на граѓаните. Податоците од порталот БенЗинМап, кој ги следи залихите на гориво, покажаа строги ограничувања на продажбата во 66 региони во Русија од 27 август, додека други 16 региони пријавиле локални прекини или скок на цените.

Колона автомобили на влез во бензинска пумпа
Недостиг на гориво во Русија: Возачите чекаат во ред за бензин на бензинска пумпа во МоскваФотографија: Anastasia Barashkova/REUTERS

Претседателот на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи, Александар Шохин, за порталот РБЦ изјави дека капацитетот за преработка на нафта е намален за речиси една третина, што го потврдуваат и независни аналитичари. Владините мерки, вклучувајќи забрана за извоз, зголемен увоз и олеснување на стандардите за квалитет на горивата, не успеаја да го надоместат недостигот.

Податоците од руската државна агенција за статистика Росстат покажуваат дека просечните малопродажни цени на бензинот годинава се зголемиле за 7,4 проценти, што е повисоко од вкупната инфлација од 4,19 проценти. Сепак, просеците маскираат големи регионални разлики. Пумпите на големите нафтени компании релативно малку ги зголемуваат цените, па затоа кај нив се формираат долги редици. Независните пумпи наплаќаат значително повеќе, што претставува дополнителен товар за буџетите на домаќинствата. Сепак, засега нема знаци на масовна паника. Возачите се чини дека се прилагодуваат на повремените недостатоци.

„Нема доволно бензин, но Санкт Петербург засега сè уште се држи“, рече еден корисник. „Имаше проблеми со горивото, но сега ситуацијата е подобра, иако нема насекаде“, рече друг.

„Сè потешко е да се најде нова работа“

Официјалната статистика укажува на екстремно ниска невработеност во Русија. Росстат објавува рекордно ниска стапка од 2,2 проценти. Меѓутоа, таа бројка може да биде лажна. Платформите за вработување hh.ru и СуперЏоб бележат нагло зголемување на бројот на испратени биографии од кандидатите, со истовремено намалување на бројот на огласи за работа, што укажува на растечкото незадоволство на вработените, но и на недостатокот на алтернативи.

Растот на платите, исто така, се забавува. Компаниите во секторите кои имаат проблеми, како што се автомобилската индустрија и рударството на јаглен, сè повеќе воведуваат намалено работно време или задолжителни отсуства за вработените. Некои читатели на ДВ, исто така, опишуваат пазар на труд кој е под сѐ поголем притисок.

„Сè потешко е да се најде нова работа. Нема нови позиции, а оние што постојат се или слабо платени или вклучуваат исцрпувачки смени од 12 часа“, напиша еден претплатник. „Доцнењето на платите ја отежнува отплатата на кредитите“, рече друг. „Работам цело лето за две третини од мојата плата. Тоа ги покрива храната и теретаната, и практично ништо друго“, изјави трет.„Отпуштањата погодуваат многу индустрии“, додава друг „Трката за нереално високи плати е завршена. А животот стана неспоредливо поскап отколку пред 2022 година.“

Луѓе во супермаркет. Во преден план се гледа сексијата за зеленчук
Корисниците на ДВ се жалат на зголемувањето на цените ширум РусијаФотографија: Erik Romanenko/TASS/dpa/picture alliance

Ова мрачно расположение се прошири дури и меѓу членовите на добро платените професии. Еден ИТ експерт од Санкт Петербург ги опиша промените: „Нема ненадејни економски шокови, туку постепен пад што трае веќе десет години. Можностите за вработување се ограничени, а наоѓањето нова работа ќе биде исклучително тешко.“

Педесет и четиригодишен претприемач од Москва се присети дека пред руската инвазија на Украина во 2022 година, тој водел услужна компанија за западни модни брендови. По заминувањето на клучните клиенти, бил принуден да го затвори бизнисот. Подоцна основал нова компанија која произведува облека во Централна Азија и во Бангладеш за продажба на руски интернет платформи. На почетокот, растот на приходите на граѓаните поттикнал брза експанзија, но условите се влошиле со текот на времето.

„На почетокот, продажбата растеше побрзо отколку што очекувавме. Но, дури и овој бизнис е погоден од последиците од актуелната политика, изолацијата и економската нестабилност“, вели претприемачот. „Приходите паѓаат катастрофално. И ние не сме единствените. Луѓето штедат на речиси сè.”

„Луѓето не планираат ништо, подигнуваат готовина и купуваат долари“

„Во нашиот регион, промените сè уште не се особено големи“, напиша една жена од Сахалин, остров на рускиот Далечен Исток. „Цените растат, секако, но генерално имам впечаток дека луѓето живеат слично како порано. Лично, најмногу промени забележувам кај интернетот. Побавен е и речиси постојано користиме ВПН за да ја заобиколиме цензурата. Многу луѓе од мојата околина ја напуштија Русија, иако ова се случува од 2022 година. И ние го испративме нашиот син во друга земја.“

Кога долгорочното планирање станува тешко, луѓето се фокусираат на секојдневно снаоѓање. „Недостаток на гориво, напади со беспилотни летала… Дури и обичните патувања во Турција станаа претерано скапи“, рече еден претплатник.

„Луѓето не планираат ништо, подигаат готовина и купуваат долари. Никој нема надеж за светла иднина или промена на власта на чело со Владимир Путин. Сите живеат од денес до утре. Консумацијата на алкохол значително се зголеми, дури и во Москва.“

Покрај вознемиреноста и апатијата, значителен број одговори укажуваат и на зголемена социјална фрагментација. Луѓето се повлекуваат во тесни кругови и избегнуваат пошироки разговори за општеството и политиката.

„Луѓето се бесни и го обвинуваат Западот за сите нивни проблеми. Животот стана многу посиромашен, подосаден и поопасен отколку пред војната“, рече еден претплатник. „Луѓето или се затвораат во себе или веднаш престануваат со секаков разговор за животот и војната. Речиси никој повеќе не се обидува да се преправа дека е оптимист.“

„Проблем не се само горивото или интернетот, туку промената кај луѓето, дури и меѓу оние кои се многу пристојни“, напиша друг претплатник, здравствен работник. „Постои внатрешен страв, длабока иритација, дури и кај оние кои не разбираат што се случува и не сакаат да знаат. Но, сите ги гледаат цените. Тоа ги плаши луѓето. Внатрешните социјални сопирачки исчезнуваат… Интелигенцијата одеднаш го изгуби својот дотеран културен слој, особено инженерите од воено-индустрискиот сектор.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседател на земјата – функција …