Смртта на мајка и ќерка во Скопје, кои животот го загубија на 2 март годинава по пад од балкон, а за кои институциите посочија дека биле жртви на долготрајно семејно насилство, предизвика бран пријави во Министерството за внатрешни работи (МВР).
По апелите на надлежните институции да не се молчи за насилството и случаите да се пријавуваат навреме, сè поголем број жртви се охрабруваат да се обратат во полиција.
Податоци од билтените на МВР
Податоците објавени во дневните билтени на МВР од 24 март наваму покажуваат дека се евидентирани 42 случаи на семејно насилство. Меѓу нив е и случајот во Росоман, кој имаше трагичен епилог, откако 27-годишен маж со остар предметја уби својата мајка.
Во изминатиот период се регистрирани бројни инциденти: на 5 април, три жени биле физички нападнати од сопствени сопрузи во Скопје, додека во Штип син нападнал татко, а на 3 април, четири лица биле приведени за семејно насилство во Куманово, Тетово, Скопје и Кичево. Претходниот ден биле пријавени дури седум случаи, при што четири лица се приведени.
Во Куманово, приведен е 32-годишен маж поради подолготрајно физичко малтретирање и закани кон сопругата. Во Тетово, две жени пријавиле физичко и психичко насилство од партнери, кои веднаш биле приведени. Полицијата во Скопје, пак, интервенирала по повеќе пријави, меѓу кои и случаи каде жртви биле и малолетни лица.
Статистика на МВР: загрижувачки бројки
Убиства на жени (по години):
- 2021: 4 убиства на жени
- 2022: 2 убиства на жени
- 2023: 7 убиства – 9 жени (едно девојче, 14 г.)
- 2024: 5 убиства – 5 жени (едно дете до 2 г.)
- 2025: 6 убиства на жени
Семејно насилство:
- 2021: 1.056 кривични дела | 1.155 жртви (889 жени) | 3.761 поплака
- 2022: 1.117 кривични дела | 1.191 жртва (942 жени) | 4.421 поплака
- 2023: 1.082 кривични дела | 1.123 жртви (833 жени) | 5.300 поплаки
- 2024: 1.087 кривични дела | 1.146 жртви (911 жени) | 4.210 поплаки
- 2025: 1.195 кривични дела | 1.195 жртви (1.033 жени) | 5.436 поплаки
Законски измени за да се спречат трагедии
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави законски измени со цел поефикасно институционално постапување и побрза заштита на жртвите. Измените ќе ги опфатат: Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Законот за полиција и Законот за бесплатна правна помош.
Дополнително, Граѓанскиот суд воведе 24-часовно дежурство за итно изрекување мерки за заштита на жртвите. Министерот повика секој граѓанин кој ќе забележи потенцијално семејно насилство веднаш да го пријави.
МВР ја започна и кампањата „Не биди нем сведок“, со цел подигање на јавната свест за родово базираното и семејното насилство. Преку директна комуникација со граѓаните, полицијата ги информираше за достапните услуги за помош и начините за пријавување на насилство.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место