Сенатот на САД гласаше дека судењето за отповикување на Трамп е во согласност со Уставот

Американскиот Сенат гласаше да го спроведе второто судење за импичмент на поранешниот претседател Доналд Трамп. На гласањето 56 спрема 44, Сенатот го отвори патот за официјална постапка да започне денеска, за да се утврди дали Трамп е виновен за „поттикнување на востание“ во американскиот Капитол на 6 јануари. Шест републиканци им се придружија на демократите во рамномерно поделениот Сенат за поддршка на процедуралното гласање, што укажува дека прагот од две третини потребен за осуда на Трамп нема да биде исполнет на судењето. Процедуралното гласање беше насочено кон аргументите за тоа дали Уставот на САД поддржува одржување на такво судење дури и откако претседателот е надвор од функцијата.

Демократите кои го водат судењето, познати како менаџери за импичмент, изнесоа правни аргументи, додека дури и републиканците се изјаснија дека тимот за одбрана на Трамп се појавил како неорганизиран и некохерентен. Американските медиуми објавија дека Трамп, гледајќи ги постапките од неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида, бил бесен од сувите, правни аргументи презентирани од неговиот тим за одбрана. Менаџерите на Претставничкиот дом ја започнаа својата почетна изјава покажувајќи им на сенаторите, кои дејствуваат како поротници, 13-минутно видео со сцени од смртоносните немири во Капитол. Конгресменот Џејми Раскин, демократ од Мериленд, кој е главен обвинител, рече дека составувачите на Уставот сакаат поранешните функционери да одговараат за злоупотреби додека биле на функцијата, вклучително и во последните денови од нивниот мандат. „Всушност, тоа е токму кога ни се најпотребни, затоа што тогаш се напаѓаат изборите“, рече Раскин.

Адвокатот на поранешниот претседател на САД, Дејвид Шен, пак изјави дека судскиот процес против Доналд Трамп претставува политизација на постапката за отповикување и ќе ги „подели“ САД. „Овој процес ќе отвори нови рани, длабоко во нацијата, како што гледаат многу Американци што тој всушност е, обид на група политичари да го отстранат Доналд Трамп од политичкиот живот и да им ги одземат правата на 74 милиони гласачи“, додаде тој.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …