парада северна кореја

Северна Кореја нема да му испрати на Путин 100 илјади „доброволци“ за борба против Украина

Руски „Регнум“ успеа да ги протне наводните „дипломатски канали” како извор на дезинформацијата дека 100 илјади војници од Северна Кореја ќе се приклучат на руска страна во воената инвазија во Украина, а на тоа експресно се надоврзаа политичари од Русија, да ја поддржат непостоечката иницијатива и да ја оквалификуваат како историски момент. Дезинформацијата не ја заобиколи ниту руската државна телевизија Русија 1, а оттаму брзо се пресели и во другите медиуми од светот, вклучително и во С.Македонија. Дека станува збор за дезинформација, најпосле потврдија официјалните власти на Русија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Дезинформацијата дека 100 илјади војници од Северна Кореја ќе се приклучат на руска страна во воената инвазија во Украина, од руските медиуми, преку непроверени и невистинити тврдења од таканаречени „дипломатски канали”, се всели и во македонскиот медиумски простор. Иако Северна Кореја има развиени економски врски со Москва, во ниту еден момент не постоеја официјални државни соопштенија кои би сугерирале дека севернокорејски трупи ќе бидат разместени во Украина. Меѓутоа, медиумите го рециклираа тој лажен наратив од држава во држава, водени само од една изјава дадена во етерот на руска државна телевизија и од еден текст на новинска агенција во Русија, која беше оценета од страна на ЕУ како гласноговорник на агресивни и пропагандни наративи против Украина и промовирање позитивен став за анексијата на Крим и акциите на сепаратистите во Донбас.

Меѓу порталите од Македонија кои ја пренесоа оваа дезинформација за стоте илјади доброволци од Северна Кореја имаше и такви кои според името, се занимаваат со спорт и спортски настани,

На петти август годинава, повеќе портали објавија текст на оваа тема. Дел од насловите гласат:

  • „Најнова вест од западните медиуми: Путин бара помош од Северна Кореја”,
  • ,,Путин ќе побара 100 илјади војници од Северна Кореја?” и
  • ,,Путин размислува да побара помош од 100 илјади војници од Северна Кореја”.

Во текстовите е изнесено дека рускиот претседател, Владимир Путин наводно размислува да побара од лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун да испрати 100 илјади војници како помош во Украина да се борат на руска страна. Еден од македонските текстови на оваа тема се повикува на Дејли Мејл како извор, што значи дека дезинформацијата се проширила преку руските, до британските медиуми, а со тоа и до македонските. Српски Истиномер на 8 септември годинава ја дебанкираше оваа информација, која се појави и во српските мејнстрим медиуми.

Таа стигна од два засебни настани. Првиот е тоа што руската агенција Регнум објави текст со таква содржина. Потоа, слична изјава за наводни 100 илјади војници од Северна Кореја за помош на руската страна, за руската државна телевизија Русија 1, даде рускиот воен аналитичар Игор Коротченко.

Тој на 4 август изјави:

Постои извештај дека Северна Кореја подготви 100 илјади доброволци за помош на Русија во војната.

 

Меѓутоа, веќе на 14 август, дел од македонските медиуми ја отфрлија дотогаш споделуваната дезинформација дека Путин ќе го вовлече Пјонгјанг во војната во Украина, водејќи се од изјави кои за американската Фокс Њуз ги дадоа одредени експерти. На пример, некои медиуми објавија изјава на поранешниот разузнавач за руска доктрина и стратегија Ребека Кофлер.

Руската пропагандна машина може да каже дека 100.000 севернокорејски доброволци ќе се борат на страната на Русија, само за да го исплашат Западот, но во реалноста тоа е дезинформација. Путин тоа никогаш нема да го прифати. Не е изводливо. Командните и контролните аспекти на оваа тема се невозможни. Тие (Севернокорејците н.з.) не зборуваат руски јазик. Како ќе користат руски системи за оружје?, изјави за Фокс Њуз, Ребека Кофлер, а пренесоа дел македонски медиуми.

Регнум пишува, другите без проверка препишуваат

Медиумското известување дека Северна Кореја може да испрати до 100.000 војници за да ѝ помогне на Русија во војната во Украина се појавија и во западните медиуми, откако новинската агенција Регнум, блиска до Кремљ, објави таков напис на 2 август. Во текстот како извор се наведуват „дипломатски канали”.

Во написот на Регнум се вели дека Северна Кореја преку дипломатски канали обзнанила дека е подготвена да им помогне на Доњецк и Луганск во зајакнување на одбраната и е подготвена да премести 100 илјади свои војници. Во написот на Регнум нема никакви детали дали „дипломатските канали” преку кои е добиена информацијата се верификувани од самата медиумска агенција, ама, сепак, на ова се надоврзува Сергеј Миронов, пратеник и лидер на руската политичка партија Праведна Русија – За вистината, кој „му честита на Пјонгјанг за наводно подадената рака“. Тој ја нарече оваа непостоечка соработка меѓу Северна Кореја и Русија „историски момент” и „јасен знак кон САД дека еднополарниот систем е уништен и Русија гради нов систем на неговите рушевини”. Контекстот дека Северна Кореја во март застана на страната на Русија, кога гласаше против резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации и не ја осуди руската инвазија на Украина, ја направи оваа дезинформација полесна за ширење.

Агенцијата Регнум на почетокот на инвазијата на Русија врз Украина беше нотирана од ЕУ како гласноговорник на агресивни и пропагандни наративи против Украина и промовирање позитивен став за анексијата на Крим и акциите на сепаратистите во Донбас.

Северна Кореја нема да му испрати на Путин 100 илјади „доброволци“ за борба против УкраинаДезинформацијата што оваа агенција ја објави нема наведен извор и доказ. Сепак, Регнум успеа да ги протне наводните ,„дипломатски канали” како извор на дезинформацијата за стоте илјади војници, а на тоа експресно се надоврзаа политичари од Русија, да ја поддржат непостоечката иницијатива и да ја оквалификуваат како историски момент.

Дезинформацијата не ја заобиколи ни руската државна телевизија Русија 1, а оттаму брзо се пресели и во другите медиуми од светот, вклучително и кај нас.

Дека станува збор за дезинформација, најпосле потврдија и официјалните власти на Русија. Амбасадата на Русија во Пјонгјанг на Фејсбук напиша:

Обрнавме внимание на гласините кои се шират онлајн и се преземаат од блогери и псевдо експерти за наводна понуда од Северна Кореја која била испратена преку дипломатски канали, за испраќање 100 илјади волонтери да земат учество во специјалната операција во Донбас. Во оваа насока, би сакале да кажеме дека овие извештаи се лажни од почетокот до крајот. Нема такви преговори и нема планови севернокорејски волонтери да се испратат во Доњецк и Луганск. Уверени сме дека воените капацитети на руските вооружени сили и полициките сили во Доњецк и Луганск се доволни за успешно да ги постигнеме целите на специјалната воена операција, напишаа од амбасадата на Русија во Пјонгјанг.

Дезинформацијата беше рециклирана и пласирана од земја во земја, од руско на европско тло, меѓутоа не беше верификувана и се темелеше на стаклени нозе, односно на наратив добиен од анонимен извор спакуван во терминот „дипломатски канали”.

И покрај тоа што станува збор за дезинформација во конкретниов случај, сепак, билатералните односи меѓу двете земји се проширени. Тоа може да се забележи и од писмото што претседателот на Русија Владимир Путин му го испрати на севернокорејскиот колега Ким Јонг Ун на 15 август годинава, кога најави проширување „сеопфатните и конструктивни билатерални односи“.

Јонг Ун пак, изјави дека пријателството меѓу двете нации создадено во Втората светска војна ќе се заврсти и дека „стратешката и тактичката соработка, поддршката и солидарноста“ меѓу двете земји „биле поставени на нова висока сцена, на заедничкиот фронт поради фрустрацијата од воената закана и провокациите на непријателските сили“. Како што пишува Радио Слободна Европа, Пјонгјанг не ги именуваше непријателските сили, но Северна Кореја постојано го користи овој термин за САД и нивните сојузници. На 6 септември годинава, Би Би Си објави дека Северна Кореја ја снабдува Русија со оружје, повикувајќи се на САД. Марат Хуснулин, вицепремиер на Русија неодамна изјави дека севернокорејски градежни компании понудиле помош за обнова на уништени области во Донбас.

Прочитајте повеќе

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ?

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ?

Владина криза во Франција, предизборна борба во Германија – двете најважни држави во ЕУ се …