Шахпаска: Услугата помош и нега во домот ќе ја добиваат 60 стари лица од Општина Берово, за нив ќе се грижат 20 негуватели од Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“

Во општина Берово 60 стари лица, со над 65 години, кои не се во можност самостојно да се грижат за себе ќе добијат помош и нега во домот. Дозволата за работа, Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, му ја додели на Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“. Според Шахпаска со проектот на Министерството, старите и изнемоштени лица ќе добиваат помош за активностите кои тие секојдневно ги обавуваат во своето опкружување. На ваков начин, рече министерката оваа социјална реформа овозможува деинституционализација на гломазните централизирани установи за социјална заштита.

„Овие возрасни лица ќе ја користат услугата дури и во најоддалечените места во општината, кога говорам најоддалечените места, мислам на Двориште, Русиново, Добришинци, Стојмирово, Мачево и Берово. 20-те негуватели кои се избрани и ја поминаа обуката ќе им помагаат на старите лица во домот, во хранење, облекување, набавка на лекови и прехранбени производи, прошетка во околината, мобилни апликации и се она што им е потребно во извршувањето на нивните секојдневни активности. Наше очекување како Министерство за труд и социјална политика е овие услуги кои ние ги купуваме во следните 12 месеци, преминат во ингеренции на локалната самоуправа. Затоа што суштината на социјалната реформа е децентрализација на социјалните услуги на локално ниво, за да се доближат до граѓаните“, рече Шахпаска.

Според градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски, токму новата – услуга нега и помош на стари лица во домот е потврда за бенефитите од децентрализацијата. Со ваквата распределба за обврските на старите лица, токму најпотребните – социјални услуги за граѓаните, се спуштаат на локално ниво.

„Локалната самоуправа е таа која најдобро ги познава своите сограѓани, нивните специфики и нивните потреби. Затоа сме задоволни што имаме можност оваа услуга да ја организираме и да ја спроведуваме заедно со Установата „д-р Иван Влашки“. Преку неа ќе ја докажеме грижата за нашите највозрасни и немоќни сограѓани“, рече градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски.

В.д. директорката на Домот за стари лица, Марија Цикарска, посочи дека поради вклучувањето на невладиниот и граѓанскиот сектор, физички лица и приватни правни субјекти, во давањето на услугите на корисниците се очекува подобрување на квалитетот на социјалните услуги.

„Нашата установа има огромно искуство во грижата за возрасните. Сега, преку обуките и сертифицирањето на негувателките достигнавме квалитет кој на корисниците на нашите услуги ќе им гарантира подобрување на квалитетот на секојдневниот живот. Сигурна сум дека отсега ќе бидат многу позадоволни и полесно ќе се носат со предизвиците“, рече Марија Цикарска.

Негувателката во ОЈУСЗ „Д-р Иван Влашки“ Светлана Корчовска, рече дека секој од нас заслужува достоинствен живот, особено оние повозрасните. Таа заедно со своите 19 колеги ќе се грижи за корисниците на услугата помош и нега во домот.

„Нашата работа е тоа да им го овозможиме на лицата кои веќе не можат самите да се грижат за себе, преку помош и нега во нивната природна средина, во нивниот дом“, рече Корчовска.

Со Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, засега се поддржани 19 проекти во 24 општини. Од нив 16, се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници.

Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …