Шекеринска: Ги исполнивме условите за комплетна воена интеграција во НАТО

Шекеринска: Ги исполнивме условите за комплетна воена интеграција во НАТО

„Со завршната интегративна конференција меѓу Северна Македонија и НАТО, нашиот ‘тест – период’ во НАТО е завршен. Ги исполнивме условите за воена интеграција и станавме рамноправна членка во сите воени делови од Алијансата“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната Финална интегративна конференција со која се комплетираше процесот на воено интегрирање на Северна Македонија во НАТО, започнат пред две ипол години кога беше и упатена поканата за членство.

Упатувајќи честитки до тимот од армиската и одбранбената структура кој со своите НАТО колеги ги реализираше сите поставени 193 задачи од интегративниот план, министерката рече дека успешната интеграција покажа дека Северна Македонија е кредибилна членка на Алијансата која стои на зборот и има способност да го сработи она на што се обврзува.

„Ова беше возможно само поради големата активност, големата енергија, труд и резултати на луѓето во нашата армиска, но и во нашата одбранбена структура, кои што заедно со своите НАТО колеги буквално точка по точка ги реализираа сите 193 задачи кои што беа дел од нашиот интегративен план“, рече министерката. Додаде дека ова е процес кој што многумина сметаа дека ќе трае подолго време, но дека дури и во услови на пандемија покажавме дека како држава кон своите обврски се однесуваме сериозно и одговорно.

„Скептиците ги демантиравме на најдобар можен начин, со резултати, со многу работа и со на крајот видлив епилог, а тоа е целосна воена интеграција на Северна Македонија во НАТО“, рече Шекеринска.

Задачите кои беа дел од воената интеграција се однесуваа и на закони и на подзаконски акти и на нови доктрини, нова организација, но во исто време и модернизација на структурата и на опремата во Армијата. Министерката истакна дека процесот на развој продолжува – предвидени се 22 проекти, од кои дел се завршени, дел отпочнати, а дел од нив ќе се реализираат до 2028 година.

„Освен инженерските машини кои веќе ги набавивме, освен возилата за пешадија кои што се во процес на набавка и практично ги исплаќаме од 2019 година, тука беа планирани и ново вооружување, кое за лесната пешадија го обезбедивме, нова АБХО опрема која ја обезбедивме, нова балистичка заштита која ја обезбедивме. Процесот продолжува и со обезбедување на средства и за артилерија, за противвоздушна опрема и се разбира оној дел што се однесува на нови хеликоптерски единици, опрема која што планираме да ја набавуваме од 2024 натаму и постојаното вложување во сајбер одбраната“, информираше министерката.

Заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин истакна дека во текот на овој период од две ипол години, работната група за интеграција реализираше неколку Конференции и состаноци и динамиката предвидена на самиот почеток не запре иако во текот на целиот процес предизвик беше светската пандемија.

Полковникот Франческо Пачиљо од НАТО, претседавач на работната група за интеграција честиташе за целосната воена интеграција на Северна Македонија во НАТО и порача дека сите членови на работата група биле исклучително посветени и дале силен придонес кон оваа важна цел.

Во текот на утрешниот ден, началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и командантот на Командата за трансформација на Алијансата, генералот Филип Лавињ ќе ја потпишат Заедничката декларација со која и формално Северна Македонија ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …