Фокусирани сме до крајот на јуни да најдеме решение за спорот за името, со цел во јули да се случи пресврт и Македонија да добие покана за членство во НАТО. За нашиот прием во НАТО очекувам безрезервна поддршка од САД, рече вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната средба со новинарите, по повод нејзината официјална посета на САД, од 26 април до 2 мај, на покана на секретарот за одбрана, Џејмс Матис.
Таа истакна дека Македонија не може да стане членка сега, но дека можно е да годинава да добие покана од НАТО.
– Важно е преговарачкиот процес со Грција да успее. Сакам да нагласам дека во таков случај, во јули Македонија нема да стане членка на НАТО, туку само ќе добие покана за членство, по што ќе следи процесот на ратификации. Тоа значи дека нашиот јужен сосед ќе има уште една шанса да го блокира нашиот прием, доколку не постигнеме решение за спорот. Секое одлагање на решението е на наша штета, бидејќи важен е и тајмингот. Идната година во Македонија се претседателските избори, во Грција се европските избори и затоа мислам дека треба да вложиме напори да дојдеме до решение – изјави Шекеринска.
Владата, вели вицепремиерката, е фокусирана да најде решение за името до самитот на НАТО затоа што секое одложување може да ја смени ситуацијата на теренот.
– Ни претстои непредвидлив период затоа што само еден дел од работите зависат од Македонија. Последните изјави на грчките функционери не се изненадувачки затоа што уште минатата година велеа дека членството во ЕУ не е проблем, туку проблем е членството во НАТО – рече Шекеринска.
Извор: МЕТА