Потпретседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска им се обрати на граѓаните на Битола на трибината со нив „Фер општество – Шанса за сите“.
Потенцирајќи дека во изминатава година Република Северна Македонија поминала низ сериозни внатрешни промени, министерката Шекеринска рече дека за разлика од тогаш кога земјата била доживувана како проблем, сега перцепцијата за Северна Македонија е безбедна земја, којашто е дел од големиот воен сојуз.
„НАТО не е само стратешки успех на Република Северна Македонија, туку претставува и брза патека за економски раст на земјата, а тоа ќе донесе бенефит, пред сé, за младите. Членството во НАТО, и ова не е претпоставка, гледано од искуството на другите земји, три кратно ги зголемува странските инвестиции, обезбедува услови за зголемување на работните места, како и раст на платите“, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Во оваа насока, министерката за одбрана Шекеринска на трибината со граѓаните во Битола го истакна новиот Закон за спречување на корупцијата, како и формирањето на Државната комисија за спречување на корупцијата, која што нема да замижува и да молчи кога ќе утврди корупција.
Покрај членството во НАТО, како што истакна министерката за одбрана Шекеринска, обезбеден е и другиот столб за земјата, односно датум за почеток на преговорите со Европската Унија.
„На овој начин сите наши понатамошни политики ќе имаат повеќе смисла. Преговорите за членството во НАТО и во ЕУ беа голема сенка за земјата и откако ја отстранивме таа сенка сега можеме уште повеќе да се посветиме на работата дома. Свесни сме дека не чека уште потешка работа. Но ако за една година успеавме да го постигнеме сето ова, јас верувам дека тоа ќе биде мотивација да продолжиме со засилено темпо“, додаде министерката Шекеринска.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Шекеринска посочи само дел од политиките на Владата на Северна Македонија кои придонеле да се вратат парите кај граѓаните, укинување на радиодифузна такса, како и враќање на евтината дневна тарифа за струја. Само преку овие две мерки, како што заклучи министерката Шекеринска кај граѓаните се вратени 27 милиони евра.