Владата се обврза дека ќе одработи покана за членство во НАТО, датум за почеток на преговори со ЕУ и дека граѓаните ќе можат да се изјаснат на референдум за својата иднина – сето тоа го обезбедивме.
Но не се сите заинтересирани за доброто на Македонија. Ги повикувам сите да излезат и да гласаат за иднината- рече министерката Шекеринска на граѓанските собири во Карпош – во Злокуќани, Бардовци и во Влае.
Таа рече дека Договорот го потврдува македонскиот јазик и идентитет а доказ за тоа е аплаузот кој Премиерот го доби во Европскиот парламент бидејќи покажа дека може на својот македонски јазик да зборува европски.
– Три децении плаќавме висока цена за едно нерешено прашање. Не сакавме да го префрлиме на нашите деца да го решаваат. Ако ја пропуштиме оваа шанса, во договорот кој ќе се постигне за 20 години нема има Македонци и македонски јазик.Државнички и патриотски е да го зачуваме овој Договор во кој се погриживме македонскиот јазик и идентитет да бидат загарантирани – рече Шекеринска.
Таа зборуваше за придобивките од зачленувањето во ЕУ и НАТО, безбедноста, финансиската поддршка што секоја општина ќе ја почувствува, партнерството во Сојуз со 500 милиони луѓе од развиените европски земји.
– Македонија има 2 милиони луѓе, но ако сме во сојуз со 500 милиони, појаки сме- рече Шекеринска.
Светот секојдневно ни дава поддршка но одлуката на референдумот за својата земја ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат.
– Затоа ни треба масовност, затоа секој глас е важен. Да не се разбудиме на 1 октомври со чувство дека не сме успеале. Како што го добивме кандидатскиот статус во 2005, јас гарантирам дека по успешниот референдум ќе станеме членка на НАТО, а НАТО членството е клучниот чекор кој го забрзува патот кон членството во ЕУ- рече министерката.