Шест години од „Диво Насеље“, Македонскиот полициски синдикат се потсети на загинатите колеги

Денеска се навршуваат точно шест години од почетокот 20-часовните борби во кумановската населба Диво Насеље, во кои загинаа осуммина полицајци и 10 припадници на вооружената група. Полициската акција и престрелките почнаа уште во раните утрински часови на 9 мај 2015 година.

На загинатите колеги денеска се потсети Македонскиот полициски синдикат.

„Шест години непребол и сеќавање нашите колеги,хероите од кои ги положија животите во Диво Насеље,шест години од еден од најтрагичните настани кои оваа земја ги памети. Датум завиен со црна лента во нашата историја, датум кога изгубивме осум колеги,осум херои ги жртвуваа сопствените животи за да ги заштитат граѓаните на браникот на татковината.

Македонскиот полициски синдикат како ЕДИНСТВЕН РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СИНДИКАТ ВО МВР уште еднаш апелира и ја потсетува целокупната јавност дека припадниците на полицијата се тука да ги штитат граѓаните и уставниот поредок на државата и не смеат никогаш да бидат жртви на никакви поинакви интереси!!!“, порача синдикатот потсетувајќи се на Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од с. Брвеница; Ненад Серафимовски од с. Зубовце; Горан Илијевски од Гостивар; и Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменови од Скопје.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои беа обвинети за сторени кривични дела „Терористичка организација“ и „Тероризам“. Случајот подоцна се спои со „Молња” во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

Кривичниот суд во ноември 2017 година на доживотен затвор осуди осуммина обвинети, а 13 обвинети добија по 40 години затвор. По 20 години затвор добија петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Пресудите подоцна ги потврди и Апелацискиот суд во Скопје.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …