Шилегов го разреши директорот, „Дрисла“ повторно сопственост на Градот

Град Скопје ја враќа во свои раце најголемата депонија во државата „Дрисла“, објави денес скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

„Со запишување во Централниот регистар завршува деветгодишната аваантура на ВМРО ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет бил даден на несоодветен таканаречен партнер на градот“, истакна Шилегов на денешната прес-конференција.

Тој најави дека утре ќе го разреши досегашниот директор на депонијата Горан Ангелов, а дека Советот на градот наа 27 јануари ќе избере и нов управен и надзорен одбор на новото градско претпријатие за управување со отпад.

Одлуката на Шилегов коинцидираше со разгорување на аферата со увоз на отпад од Италија во соседна Бугарија, каде тамошното Јавно обвинителство кон крајот на минатата недела објави дека спроведува истрага за увоз на сомнителен отпад во таа земја и дека во случајот се инволвирани директорот на сопската депонија „Дрисла“, Ангелов, како и членот на Собирот на содружници на „Дрисла“, Благоја Игњатовски. Бугарските медиуми објавија дека фирмата „Блацион”, стационирана во Софија, а чиј управител е македонскиот државјанин Игнатовски, увезла сомнителен отпад од Италија кој пристигнал во бугарското пристаниште Варна. За македонските медиуми Ангелов најпрвин негираше било каква поврзаност со случајт, но призна дека имал малцинско учество во сопственоста на „Блацион“.

Шилегов, иако уште минатата пролет најави дека ја враќа „Дрисла“ во сопственост на Градот, во текот на минатата година не го исполни ова свое ветување и покрај тоа што Советот на Градот донесе одлука за раскинување на договорот со дотогашниот концесионер, италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Од Централниот регистар во октомври лани беше одговорено дека дека Градот не може да се впише како сопственик, бидејќи компанијата имала приватни вложувања од претходниот сопственик, и доколку постапи спротивно ги крши законите, а директорката Марија Бошковска Јанаковски му порача на Шилегов да поведе постапка за ништовност на упис пред надлежниот суд, за која има законски основ.

Сепак, само неколку месеци откако Шилегов најави и тужба против директорката на Централен регистар поради случајот со „Дрисла“ и само два дена откако беше обелоденета аферата во Бугарија прво во бугарските, а потоа и во домшните медиуми, Градот сепак успеа експресно да го изврши превземањето на „Дрисла“ и да се впише во Централен регистар како сопственик на скопската депонија. Шилегов денес кажа дека уште минатиот петок го повикал Ангелов за да му ги предочи информациите за неговата вмешаност во случајот.

„Во наредниот период за исправност на ова одлука ќе одговарам како градоначалник. Јас и Градот ќе бидеме гаранти на исправноста на целокупното идно работење на „Дрисла“, рече денес Шилегов и ги повика сите надлежни институции, но и заинтересирани граѓани и здруженија да направат заедничка анализа и да ја утврдат фактичката состојба на депонијата.

Шилегов денес не сакаше да шпекулира за евентуални нерегуларности во работењето на „Дрисла“ и нејзиниот досегашен директор Ангелов.

„Добро е што се работи за случај во друга земја, но не ја исклучи можноста да има некаква врска тоа и со „Дрисла“, рече Шилегов и ги повика надлежните институции, но и сите здруженија и поединци доколку имаат сознанија за нерегуларности, да го информираат.

Скопскиот градоначалник денес изјави дека нема информација дека „Дрисла“ има дозвола за депонирање на опасен отпад.

„Разговарав и со Царинска управа, надлежна за контрола на увозот и според нив нема таков внес“, рече Шилегов.

Директорот на депонијата „Дрисла“, Ангелов, за „ТВ24“ вчера изјави дека дека нема простор за паника во земјава, затоа што тука никогаш не бил увезен опасен отпад како и дека бил непријатно изненаден од истрагата во Бугарија со која се испитува дали фирмата „Блацион“ увезувала сомнителен отпад.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …