Шолц ги заостри пораките кон Србија, Вучиќ е наводно изненаден

Шолц ги заостри пораките кон Србија, Вучиќ е наводно изненаден

Малата доза оптимизам околу „европската перспектива“ падна во сенка на спротивставувањето на ставовите на канцеларот Шолц и претседателот Вучиќ околу Косово и санкциите против Русија, велат аналитичари.

Посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на дневен ред ги имаше очекуваните теми: Косово, евроинтеграциите, војната во Украина и санкциите против Русија. Сепак, прес-конференцијата помина со неколку пикантни детали.

Како најголемо изненадување, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја дочека претходната изјава на Олаф Шолц од Приштина, каде тој рече дека земјите кои не се признаваат, не можат да станат членки на ЕУ. „Денеска од Европа првпат слушнавме дека се бара меѓусебно признавање“, рече Вучиќ.

„Тоа за Вучиќ е лекција дека мора да се разговара за статусот“, изјави за ДВ Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи.

„Таа формула на меѓусебно признавање постои во сите разговори и настапи на претставниците на земјите од ЕУ кои се залагаат за признавање на Косово. А, изненадувањето можам да го толкувам само како избегнување на српските власти да се соочат со фактот дека Косово во изминатите 10 години целосно го заокружи својот суверенитет на северот на Косово“, нагласува Јањиќ.

Шолц ги заостри пораките

Дипломатот Огњен Прибиќевиќ, поранешен српски амбасадор во Германија, не смета дека изјавата на Олаф Шолц е големо изненадување, бидејќи такво нешто често се слушало од Вашингтон, а индиректно и од некои други европски земји.

„Сето ова беше очекувано, бидејќи и самиот канцелар Шолц се соочува со сериозни внатрешни и надворешни притисоци кога е во прашање војната во Украина и затоа можеше да се очекува дека тој ќе заостри некои пораки во Белград“, вели Прибичевиќ.

Но, вели овој дипломат, Шолц не ги заостри пораките кога е во прашање проширувањето на Европската унија.

„Канцеларот навистина ги спомна дваесетте години од Солун и посветеноста на Германија на пристапниот процес. Очекував некои поконкретни изјави кога станува збор за идното членство на Србија во ЕУ“, вели Прибиќевиќ.

Serbien Belgrad | Olaf Scholz und Aleksandar VucicШолц се соочува со сериозни внатрешни и надворешни притисоци кога е во прашање војната во Украина и затоа можеше да се очекува дека тој ќе заостри некои пораки во Белград, вели Прибичевиќ

(Не)оправдан оптимизам

Сепак, може да се каже дека претседателот на Србија покажа малку поголем оптимизам за евроинтеграциите по разговорите со германскиот канцелар.

Душан Јањиќ забележува дека Александар Вучиќ во последните недели жестоко го застапува европскиот пат на Србија. Набројувањето на Вучиќ на области во кои е потребен напредок – владеење на правото, демократија – Јањиќ го гледа како признание дека Србија на европскиот пат не прави ништо.

„Во изминатите седум-осум години не е направено ништо, крајно време е Србија да назначи преговарач кој ќе се занимава со тоа и да почне повеќе да работи на темите што ги спомна Вучиќ, цитирајќи го Шолц“, додава тој.

Огњен Прибиќевиќ смета дека српската страна има извесен оптимизам затоа што германскиот канцелар донесе поинаква позиција во Белград од француската, каде Макрон се противи на проширувањето на ЕУ. „Мислам дека оттаму доаѓа благиот оптимизам на српската страна што го слушнавме по овие разговори“, вели Прибиќевиќ.

Bundeskanzler Olaf Scholz empfängt Aleksandar VucicПрес-конференција во Белград на српскиот претседател Вучиќ и германскиот канцелар Шолц 

ЕУ го губи трпението околу санкциите?

Според зборовите на српскиот претседател, германскиот канцелар „јасно и остро“ ѝ порачал на Србија дека треба да воведе санкции кон Русија, а тие барања ги потврди и самиот Шолц пред новинарите.

Душан Јањиќ смета дека ЕУ нема уште долго да ја „трпи“ ваквата позиција на Србија. „Би можело да се разговара за тоа кон кои санкции би се приклучила Србија, имајќи предвид дека таа не е членка на ЕУ. Но, Србија не може бесконечно да го избегнува тоа прашање и да се обидува да ја прави другата страна наивна со некакви несериозни приказнички“, смета Јањиќ.

Оваа ситуација Огњен Прибиќевиќ ја гледа „како круг на разочарувања и неисполнети ветувања“.

„Мислам дека е клучно што ЕУ не смогна сили да смисли сериозна стратегија кога станува збор за Западен Балкан, а пред сѐ Србија, како најголема земја во регионот. Србија одамна требаше да стане членка на ЕУ“, оценува тој.

– повеќе: Олаф Шолц на Балканот: Тешкото патување на германскиот канцелар

Во таков случај, наведува дипломатот, некои прашања не би се ни поставувале. Такво е прашањето на санкциите против Русија. „Вака имаме само меѓусебно исцрпување на ЕУ и земјите кандидати. Тој пристап е целосно погрешен, а војната во Украина е апсолутно потврда на ова што го зборувам“, заклучува Прибиќевиќ.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …