Штајнмајер пред сигурен реизбор за претседател на Германија

Штајнмајер пред сигурен реизбор за претседател на Германија

„Не мора само да зборуваме за демократија, мора да се научиме да се бориме за неа!“– ова е познатата реченица на германскиот политичар Франк–Валтер Штајнмајер, кој по вторпат ќе биде избран на претседателската функција.

Она што го направи беше доста невообичаено. Не го познававме како таков. Кон крајот мај 2021, речиси секогаш резервираниот Франк–Валтер Штајнмајер објави дека сака повторно да се кандидира за највисоката функција во државата. „Би сакал да ја следам нашата земја на патот кон иднината,“ рече Штајнмајер. Германија е „на пресвртница“ во однос на пандемијата која донесе „страдање и тага“. Тој, како што рече, сака „да помогне за да се залечат раните.“

И затоа Штајнмајер би сакал уште пет години да биде претседател на Германија. Не чекаше да биде предложен како што е тоа вообичаено. Ризикуваше и победи. Овој социјалдемократ доби поддршка од сите коалициски партнери – СПД, ФДП и Зелените, а дури и конзервативците од ЦДУ/ЦСУ се изјаснија во негова корист. Тие не предложија противкандидат. „Особено во овие времиња на нашата држава и е потребен кредибилен глас кој ги обединува и зближува луѓето,“ рече Армин Лашет, во тоа време претседател на ЦДУ. Ова значеше поддршка и од демохристијаните за политичарот кој доаѓа од редовите на политичкиот ривал СПД.

Германскиот претседател Штајнмајер при едно од редовните божикни обраќањаГерманскиот претседател Штајнмајер при едно од редовните божикни обраќања

Дијалог, збивање на редовите, дебата

За време на петгодишниот мандат, Франк–Валтер Штајнмајер повеќепати покажа дека сака да делува како некој кој интегрира и посредува меѓу луѓето, како некој кој бара разговор и го пронаоѓа вистинскиот тон за комуникација особено во кризни времиња. Франк–Валтер Штајнмајер веќе долго време одржува дебатни средби, наречени „Кафе средби“ или „За состојбата на граѓаните“, на кои повеќепати има повикано обични граѓани за време на пандемијата, која им е голем товар на сите, а меѓу гостите имало и политичари од десничарската АфД.

На почетокот од јануари 2022 година претседателот повторно побара да се организира јавна дебата и тоа во неговата резиденција. Темата беше: за и против задолжителна вакцинација. На јавната расправа беа повикани и скептици кои се против вакцинација. Во целата земја, а секако и групата гости повикани на дебатата, жестоко се расправаше за оваа тема.

Но Франк–Валтер Штајнмајер не сакаше јасно да се позиционира па на почетокот од дебатата веднаш рече: „Како сојузен претседател, во оваа пригода нема да се изјаснувам ни за ниту против вакцинација“. Тоа беше уште една пропуштена шанса, без храбар импулс, без изјава која би можела да предизвика дебата во јавноста. Штајнмајер рутински ја водеше дебатата – не сакаше ниту да навреди некого, ниту да провоцира. Впрочем во согласност со начелата во програмата од неговиот прв претседателски мандат.

Штајнмајер на средба со граѓаните посветена на задолжителната вакцинација против коронавирусотШтајнмајер на средба со граѓаните посветена на задолжителната вакцинација против коронавирусот

Борба за демократија

Франк–Валтер Штајнмајер го достигна врвот на својата политичка кариера на почетокот од 2017 година. Во февруари за првпат е избран за претседател на Германија уште во првиот круг на гласање. Само се насмевна со препознатливата широка насмевка – видно задоволен од резултатот, и потоа ја претстави својата програма насочена против историскиот заборав и против десничарскиот популизам.

Иако „нема причина за тревога“ рече тој во својот инаугурациски говор без конкретно да ги спомне АфД, популистите кои постојано ја вжештуваат оваа дебата. И потоа упати апел: „Не мора само да зборуваме за демократија, мора да се научиме да се бориме за неа!“

Ремек делото на Штајнмаер: Кабинетот на Меркел бр.4

Со првото искушение на претседателската позиција се соочи неколку месеци подоцна. По сојузните избори есента 2017, партиските лидери не можеа да се договорат околу новата владина коалиција па дури се размислуваше и за одржување на нови избори. Во тоа време, СПД, партијата на Штајнмајер не сакаше повеќе да влегува во голема коалиција со конзервативните партии на Унијата, ЦДУ/ЦСУ. Штајнмајер апелираше изборните резултати да се сфатат сериозно и да се воспостави функционална влада – и тоа резултираше во успех. Во март 2018 е формиран четвртиот кабинет на Меркел во кој влезе и СПД.

Франк-Валтер Штајнмајер и додели сертификат за напуштање на функцијата на Ангела Меркел, која 16 години како канцеларка ја предводеше Германија Франк-Валтер Штајнмајер и’ додели сертификат за напуштање на функцијата на Ангела Меркел, која 16 години како канцеларка ја предводеше Германија

Ова посредување на претседателот во формирањето на владата е единствено во историјата на Сојузна Република Германија. Поради историски причини, Уставот на претседателот му дава само репрезентативна функција и одредени ангажмани во земјата и во странство.

Претседател со скромни корени и големо срце

Речиси идеален за социјалдемократите, Штајнмајер потекнува од сиромашна фамилија. Како син на столар и работничка во фабрика од Детмолд во западна Германија, завршил средно училиште, студирал право и подоцна докторирал. Во 1975 година Штајнмајер се приклучува кон СПД. На факултетот ја запознава својата идна сопруга Елке Биденбендер, исто така правник. Штајнмајер ги освои симпатиите на Германците и со одлуките во приватниот живот: кон крајот на 2010 донираше бубрег на својата болна сопруга. Германија беше трогната и полна симпатии кон политичарот кој не ја изгубил својата скромност. „Тоа не е ниту херојство, ниту подарок за мојата жена”, рече тогаш Штајнмајер.

Ментор и пријател: Герхард Шредер

Герхард Шредер, поранешниот канцелар на Германија, многу рано ги откри политичките таленти на Штајнмајер. Тој стана негов ментор, го доведе во Берлин и го назначи за шеф на неговиот кабинет каде ја продолжи кариерата. Неупадлив, таинствен, предан и несебичен, така го опишуваат оние што го познаваат. Тоа се идеални предуслови за многу други задачи во политиката. Па така во 2005 година канцеларката Меркел го назначи за министер за надворешни работи во коалициската влада од Унијата и СПД.

Тогаш Штајнмајер првпат зачекорува на големата политичка сцена. На сојузните избори во 2009 година се кандидира против Меркел за канцелар, безуспешно. СПД доби само 23% од гласовите што беше најлош резултат во повоениот период. „Овој резултат е горчлив ден за германските Социјалдемократи”, призна тогаш Штајнмајер.

Втор мандат за Штајнмајер

Штајнмајер ќе го почне својот втор претседателски мандат на 66 годишна возраст. Во првиот неуморно држеше говори ширум Германија и речиси стотина пати отпатува во странство. Неговата работа наиде на широка прифатеност во политичките кругови. Според истражување спроведено кон средината на јануари 86% од Германците сметаат дека „тој прилично добро си ја работи работата”. Дури 81% сметаат дека мора да остане на функцијата. Во неговата смиреност се крие неговата сила. Можеби во вториот мандат посредникот и опоменувач ќе се претвори во визионер. За тоа ќе има пет години на располагање.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …