Во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, во кантонот Вале, во новогодишната ноќ околу 1:30 часот избувнал пожар во барот „Le Constellation”. Првиот повик за помош, според полицијата, бил примeн непосредно потоа. Првите полициски патроли пристигнале на местото на пожарот веќе во 1:32 часот, а недолго потоа дошле и поголем број пожарникари.
Според информации од властите, биле ангажирани 42 амбулантни возила, 13 хеликоптери и 150 медицински спасувачи. До околу 5 часот наутро сите повредени биле згрижени. Повеќето од нив биле пренесени со хеликоптери во болници.
На прес-конференција вчеравечер (1.01), командантот на кантоналната полиција во Вале, Фредерик Гислер, ја процени бројката на загинати на околу 40 лица. Приближно 115 луѓе биле тешко повредени. Барот, според сопствените информации, има капацитет за околу 300 гости. Сепак, не е познато колку луѓе се наоѓале внатре во моментот на пожарот, изјави генералната обвинителка Беатрис Пилуд.
Што се знае за загинатите?
Властите досега не објавија многу информации за загинатите и повредените. Точниот број на жртви и нивното потекло сè уште не се познати. Според полицијата, многу веројатно е дека меѓу загинатите има и странци. Идентификацијата на жртвите е највисок приоритет, изјави надлежното обвинителство. Затоа е побарана помош од форензичари од соседните кантони.

„Предвидени се значителни ресурси за идентификација на загинатите“, рече генералната обвинителка Пилуд. Сепак, процесот ќе трае извесно време, нагласија властите.
Претседателот на Швајцарија, Ги Пармелен, го нарече настанот една од најголемите трагедии во историјата на земјата. Многу од жртвите биле млади луѓе. Тој најави дека знамињата ќе бидат на половина копје пет дена.
Што се случува со повредените?
Околу 115 повредени веќе се пренесени во различни швајцарски клиники. Околу 80 од нив се во критична состојба, извести новинарката на СВР, Паула Керстен, за германскиот радиофузен сервис АРД.
Универзитетската клиника во Лозана, специјализирана за жртви на пожари, примила 22 повредени. Повеќе од десетина се пренесени во Универзитетската клиника во Цирих. Други се пренесени во Женева и други болници низ Швајцарија. Едно лице е пренесено во Штутгарт.

Според италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, во пожарот се повредени меѓу 12 и 15 Италијанци и тие се хоспитализирани. 16 Италијанци се водат како исчезнати.
Француското МНР соопшти дека најмалку девет Французи се повредени, а осум се водат како исчезнати.
Информации за германски жртви или повредени до вчера немаше. Германското МНР соопшти дека амбасадата во Берн е во тесен контакт со швајцарските власти.
Што се знае за причината за несреќата?
Генералната обвинителка Пилуд на двете прес-конференции вчера не даде конкретни информации за причината за пожарот. Таа нагласи дека станува збор за несреќа, а не за напад. „Постојат неколку хипотези, нашата главна претпоставка е дека целиот простор бил зафатен од оган, што довело до експлозија“, рече таа.

Во истрагата ќе се анализираат и мобилни телефони од местото на пожарот.
Пожарот предизвикал силно разгорување, т.н.„flashover“, изјави кантоналниот советник за безбедност, Штефан Ганцер. Властите објаснија дека експлозиите за кои сведочеле очевидци не го предизвикале пожарот, туку биле негова последица.
Причината за првичниот пожар сè уште се истражува. Очевидците даваат различни верзии: две Французинки изјавиле дека пожарот започнал од свеќи поставени на шампањски шишиња, при што едната допрела до дрвен таван. Други зборуваат за огномет за на маса или пиротехника за концерти. Италијанскиот амбасадор во Швајцарија Џан Лоренцо Корнадо како причина спомена пиротехнички материјали. Обвинителката Пилуд не сакаше да ги коментира овие верзии. „Истрагата е во тек, причините ќе ги објавиме подоцна“, рече таа.
Што се знае за барот „Le Constellation“?
Барот „Le Constellation” се наоѓа во центарот на Кран-Монтана, која има околу 2600 хотелски кревети и стотици апартмани. Иако најмногу гости се Швајцарци, местото е многу популарно и кај странци – особено Италијанци и Французи, а во последно време и Американци.

Барот се претставувал како модерно место и работел како кафуле, бар и ноќен клуб, особено популарен кај младите. Имало простор за околу 300 лица, на две нивоа – приземје и подрум.
Сè уште не е јасно колку луѓе биле внатре за време на пожарот. Максималниот капацитет на барот ќе биде дел од истрагата. Не е познато дали барот имал функционални излези за итни случаи. Очевидци велат дека постоеле само едни скали кои воделе од приземјето кон подрумот, од каде можело да се излезе надвор. „Ги видов скалите, бев таму“, рече обвинителката Пилуд. Истрагата ќе ги испита безбедносните стандарди.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место