Пишува: Сотир Габелоски

Крајот на лагите и манипулациите од страна на владејачката партија, како на централно така и на локално ниво, не се гледа. Впрочем, нивна навика е да ги залажуваат граѓаните, а најлесно се лажат обесправените, сиромашните.

На 16 април 2014 година, непосредно пред предвремените парламентарни избори Никола Груевски, патем видно порелаксиран и “посвеж” во споредба со денешната негова појава, најави странска инвестиција во Крушево.

Еве што кажа тогашниот премиер на Република Македонија од собирот во спортската сала:

“Веќе со првата компанија која покажа интерес за инвестирање тука, во Крушево, сме подолго време во контакт. Тоа е една компанија од Русија која сака да отвори погон, фабрика за производство на доматно пире”.

Година дена пред тоа, на 12 март 2013 година во очи на локалните избори, тогашниот кандидат на ВМРО ДПМНЕ а сега градоначалник на Општина Крушево, Ѓорѓи Дамчески изјави:

“Како стратешка цел и приоритет на Крушево ќе биде економскиот развој… Со отворање на индустриската зона „Опаленик“ и отворање на туристичката развојна зона, придобивките за Општината ќе бидат видливи. Ќе се посветиме на привлекување на странски инвеститори со создавање на поволна бизнис-клима со цел отворање нови работни места”.

Денес, три и пол години по „отворањето“ на индустриската зона Сува-Река Опаленик и две години по првата, но не и единствена најава на Груевски за отворање на фабриката за доматно пире од Русија, нема ништо. За тоа време невработеноста изнесува речиси 50 %, односно Крушево со близу 1.800 жители има околу 800 невработени.

opalenik-2

Месноста која беше предвидена за индустриска зона Сува-Река Опаленик е празна, без никаква инфраструктура, без најава за инвеститор.

И покрај тоа, ВМРО ДПМНЕ продолжува со ноторните лаги и манипулации. Крушево не било во полоша состојба од осамостојувањето на Македонија, а работата на градоначалникот и партискиот огранок на ДПМНЕ се сведени на партиски маркетинг и спасување на кожата на Никола Груевски и осомниченото партиско раководство. На 11-ти декември вистината за нивното владеење ќе излезе на виделина.