Што сака Макрон на Балканот?

Што сака Макрон на Балканот?

На крајот на август Макрон од француските амбасадори побара да се фокусираат и на Западен Балкан, за неговата „судбина да не биде одлучувана од САД, Русија и Турција“. Два месеци подоцна се откажа од тоа што го бараше.

Оставете ги настрана контрадикторните изјави на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој нервозно се поместуваше во столицата обидувајќи се да му даде некаков контекст на француското вето за Македонија во Брисел. Тие се бескорисни, затоа што не посочуваат на суштината на постапката на претседателот Емануел Макрон. Тие се бескорисни, затоа што амбасадорот, трагајќи по начинот како да ги минимизира извешатите на Европската комисија нив ги нарече „интересно четиво“ (истата таа Комисија за која неговиот претседател се избори Франција да го има најголемото портфолиот во новиот состав). Тие се бескорисни затоа што се  контрадикторни со ставот на Макрон по бриселскиот самит.  Тимоние сега зборува дека биле „маркетиншки трикови и нереални очекувања“ оти Македонија ќе добиела датум за преговори поради Преспа, а немала доволно реформи.

Макрон во Брисел не спомена ниту една од овие работи кои сега Тимоние сака да ги вметне во некаков контекст. И во тој контекст сака да стави многу мала рамка за Преспанскиот договор. Истиот тој договор кој Макрон го квалификува како неверојатно постигнување.  Макрон беше осамениот лидер  кој ја отфрли Македонија, а беше поддржан само уште од Данска и Холандија во одбивањето на Албанија. Макрон ја бранеше својата позиција со аргументите дека целиот процес на проширување треба да доживее реформи пред други земји да го почнат макотрпниот пат на преговори. Тој побара трпение од аспирантите ЕУ да се реформира. Не зборуваше за она околу што Тимоние сака да се врти – наводно неспроведените реформи, туку го кажа буквално ова:

„Нам ни треба реформирана Европска Унија и реформиран процес на проширување, реална кредибилност и стратегиска визија кои сме и нашата улога“. И побара од Македонија и Албанија да причекаат додека ЕУ се подготви.

Дипломатска „пресметка“

Во една несекојдневна дипломатска „пресметка“ двајца амбасадори од земјите најблиски соработници на Франција на своевиден начин ги раздробија на ситни парчиња ламентациите на Тимоние. Германскиот амбасадор Томас Герберих, еден ден пред прес-конференцијата на Тимоние го изјави ова: „Северна Македонија не заслужува ништо помалку од целосно членство во Европската Унија“. Ден по прес-конференцијата, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, побрза да ја отстрани злоупотребата на неговата земја, па рече вака: „Холандија смета дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговорите за влез во ЕУ и покрај другите внатрешни размислувања во ЕУ кои се надвор од нејзина контрола“.

Според повеќето извештаи многу од европските лидери ги слушале со неверување ставовите на Макрон во шестчасовната дебата бидејќи францускиот претседател долго време ја убедува Европската Унија да размислува стратешки и да оди подалеку од внатрешните расправии. Целосно е разбирливо дека Тимоние мора да најде начин да ја одбрани позицијата на Макрон и да го ублажи големото овдешно разочарување во Франција, но не е сосема разбирливо целата вина да ја префрли врз нас, па дури и кон други земји членки кои давале „нереални очекувања“.

Да ја оставиме настрана и  притаената опозициска радост за француското вето(кај некои тоа предизвика дури и егзалтација) и моменталната заслепеност од тоа дека рампата на Макрон за нив може да значи ветер в грб на априлските избори. Тоа е кусогледо радување затоа што рамката во која што Франција се обидува да ги стави шесте земји на Западен Балкан во основа ќе значи уште најмалку 30 години (како што вели Јоханес Хан) тие да останат во предворјето на ЕУ. Тогаш ниту еден од овие опозициски политичари кои сега притаено се радуваат веројатно нема да бидат во политиката. А кој знае и каде ќе биде земјата.

Кога Жан-Клод Јункер изјави дека ветото на францускиот лидер е „историска грешка“, а Доналд Туск зборуваше дека се чувствува „засрамен“ поради тоа што ЕУ не ги оствари своите ветувања, Макрон ја бранеше својата одлука со зборовите: „Ова е спор околу визијата“.

Визијата за западното јадро

Како што забeлежува извонредниот бугарски аналитичар, Димитар Бечев, овој спор навистина е околу визијата. Бечев во колумната за Ал џезира потсетува дека оваа Макронова визија оди назад во годините на претседателството на Франсоа Митеран. Тој имаше визија во 1990-тите новите источноевропските демократии, штотуку излезени од комунистичкиот шинел, да ги задржи на границите на ЕУ и со нив Унијата да води бизнис и да соработува, но тие да не припаѓаат на „вистинскиот европски внатрешен круг“. Најпосле, Митеран мораше да попушти под притисокот на земјите основачи на блокот дека „враќањето во Европа“ на Чесите, Полјаците, Унгарците и другите е историски неопходно за остварување на европската визија како заеднички континент на сите, а не Унијата да се изолира како мало себично јадро на западните демократии.

Оваа паралела на Бечев на визијата на социјалистот Митеран со визијата на министерот во социјалистичката влада на Франсоа Оланд, Макрон, извонредно покажува дека многу работи остануваат исти во француската политика. И сега слична визија треба да се примени кон најсиромашните и најранливите на европскиот континент, за кои е најлесно да се примени силата на ветото. Наводното привилегирано партнерство што Франција сака да им го понуди на шесте земји, за кое многу новинари останаа изненадени слушајќи такви навестувања од амбасадорот Тимоние, не е ниту ново, ниту спектакуларно. За тоа повеќе пати пишувавме во рамките на оваа редовна колумна. Ќе беше пофер доколку Тимоние ѝ посочеше на јавноста да ја отвори официјалната страница на амбасадата и да го прочита ваквиот француски предлог кој е разработен во неколку точки.

Оваа француска стратегија за Западен Балкан Емануел Макрон ја објави на 30 април оваа година, еден ден по самитот во Берлин меѓу него, Меркел и шесте западнобалкански лидери, на кој не беше понудено ништо значајно освен срдечни ракувања и нејасни ветувања. Оваа стратегија има четири главни мерки – економски и социјален развој преку интеграција на Француската агенција за развој (АФД), безбедност, правосудство и одбрана. Во економскиот дел годишната помош од АФД треба да изнесува од 100 до 150 милиони евра, главно за енергетска и еколошка транзиција со искуство на француски експерти. Безбедноста ќе биде за спречување на трговијата на мало огнено и лесно оружје, разузнавачки активности и борба против тероризмот и радикализацијата. Во правосудството акцентот е ставен на техничката соработка во борбата против треговијата со дрога и против организираниот криминал и корупцијата. А во рамките на одбраната ќе биде зголемена понудата на обука за офицери од Западен Балкан во француските училишта за обука и вклучување на овие земји во заеднички операции во странство.

Ништо повеќе од она што веќе го има во Берлинскиот процес. Но има една значајна разлика. Во оваа француска стратегија за Западен Балкан никаде не се споменува зборот проширување на ЕУ, Туку само на едно место се наведува дека оваа стратегија е за „поддршка на приближувањето на регионот кон Европа“. Но, не и членството во ЕУ.

Се разбира дека ова навраќање на Франција на регионов по 20 години треба да се поздрави, но ако тоа значи регионот да остане соседство на ЕУ (како енклава во средината на самата Унија), како што индиректно навести Макрон, тоа е лош знак за регионот. Оваа стратегија не е замена за членство. Тоа е, всушност, алиби визија за шесте земји што останаа надвор од ЕУ засекогаш да останат таму.

Лошиот полицаец

Има многу шпекулации зошто Франција наеднаш посака да ја игра улогата на „лош полицаец“ на Балканот откако 20 години не беше присутна во него и откако многу десничарски влади во Париз не се противеа на отворање на преговори со неколку земји. Едната е што проширувањето е непопуларно во Франција и тоа се навраќа на сеќавањата на неуспешниот референдум за европскиот устав во 2005 година. Центар на тогашната кампања беа отворањето на преговорите со Турција и „полскиот водоводџија“, како персонификација за тоа што може да донесе проширувањето. Втората причина е што Макрон уште на почетокот на мандатот најави дека негова амбиција е да ги реформира европските институции влегувајќи во непријатна дебата со Берлин. Третата е што Франција мисли дека борбата против корупцијата и владеењето на правото во шесте земји не е блиску до европските норми.

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …