Што сака Трамп со партиската конвенција во Далас

Што сака Трамп со партиската конвенција во Далас

Претседателот на САД,  Доналд Трамп,  не е на гласачкото ливче за среднорочните избори на 3 ноември. Сепак, два месеци претходно, неговата партија повторно го става во центарот на големата конвенција. Во среда и четврток, Републиканците се собираат во центарот „Американ ерлајнс“ во Далас, кој собира до 20 илјади посетители, на „Конвенцијата на Републиканците за среднорочните избори“. Такви големи партиски собири во  САД вообичаено се одржуваат само пред претседателски избори. Демократите експериментираа со слични собири во 1970-тите и почетокот на 1980-тите, но за Републиканците вакво нешто е премиера. Во Тексас ја следат целта да ги мобилизираат поддржувачите на Трамп за републиканските кандидати.

Колку Трамп е пожелно во предизборната кампања?

Републиканците влегуваат во предизборната кампања со непопуларен претседател. Неодамнешна анкета на Ројтерс/Ипсос покажува дека  Доналд Трамп ужива поддршка од само 33 проценти.Демократите во моментов се многу повеќе мобилизирани, па речиси половина од нивните поддржувачи се особено ентузијастични во однос на среднорочните избори, во споредба со само 31 процент кај Републиканците. Конвенцијата и покрај тоа е целосно наштимана околу ликот на Трамп.

Доналд Трамп со Венс и Рубио во Овалната соба
Само еден потенцијален наследник на Трамп доаѓа во Далас: За разлика од потпретседателот ЏејДи Венс (лево), државниот секретар Марко Рубио моментално не е на списокот на говорници на конвенцијатаФотографија: Kylie Cooper/REUTERS

Претседателот треба да има настап на двете вечери и со тоа е повеќе во центарот на вниманието отколку самите републикански кандидати за Сенатот и Претставничкиот дом. Но, токму за некои од нив блискоста со Трамп е ризична. Во анкета на повеќе од 70 републикански кандидати и пратеници, порталот „Политико“ констатира значителна воздржаност во однос на конвенцијата. Многу кандидати во реони каде изборната трка ќе биде тесна, очигледно се воздржуваат од премногу поврзаност со претседателот. Фактот дека некои кандидати воопшто нема да учествуваат на конвенцијата ја отсликува дилемата околу Трамп. Од една страна, тој треба  да ја мобилизира пред сѐ базата на МАГА, а од друга страна неговото нагласено присуство би можело да ги одврати умерените гласачи и дополнително да ја мобилизира политичката опозиција.

Биланс или напад врз Демократите?

И покрај моментално слабите резултати во анкетите, програмата на конвенцијата првично се фокусира на позитивната оценка за досегашниот мандат на Трамп. Преку прашања во врска со економијата, обезбедувањето на границите, трговијата и јавната безбедност треба да се демонстрира што Трамп од републиканска перспектива веќе има постигнато. Со блокови како  „Две визии за Америка“  или „Контрастот на опозицијата“, конвенцијата е исто така конципирана како напад врз Демократите. Републиканците ја прикажуваат како партија доминирана од политичката левица, а демократското мнозинство во Конгресот како закана за  политиките на Трамп.  Тоа и де факто би можело да ја блокира неговата агенда во следните две години и да му даде на Конгресот значително поголема моќ да ја контролира и истражува администрацијата.

Дали Трамп има решение за високите трошоци за живот?

Билансот е особено тежок на темата економија. Во програмата за конвенцијата, се работи пред сѐ за тоа што Трамп веќе постигнал – намалување на даноците, пониски цени на лекови и поддршка на домашното производство. Останува нејасно дали тој може да понуди нешто суштински ново во Далас. Политикологот Саша Ломан од Германската фондација за наука и политика гледа мала веројатност за тоа. Во такви предизборни концепти говорите на Трамп најчесто немаат структура и ретко се поврзани со конкретни политички мерки. „Во суштина гледаме еден вид тек на мисла. Во подолги периоди Трамп повеќе открива што му минува низ глава во моментот“, вели Ломан. Еден од проблемите на Трамп е што неговиот наратив за економски успех не се совпаѓа со перцепциите на многу Американци.  Неодамнешна анкета на Фокалдата покажува дека речиси две третини од испитаниците сметаат дека американската економија се движи во погрешна насока. 57 проценти дури наведуваат дека нивн ата лична финансиска состојба се влошила откако Трамп дошол на власт.

Што прави Трамп со војната против Иран?

Највпечатлив момент во неговата агенда е што  војната со Иран  едвај игра улога. Меѓу 109-те најавени точки на агендата и говорници, покрај економските теми, има сесија по повод 25-годишнината од нападите на 11 септември, но не и фокус на  сегашниот конфликт со Иран.  Организаторите на конвенцијата се чини дека ова политички сложено прашање сакаат да биде што е можно повеќе на маргините.

Трамп на комеморацијата за загинатите војници во воздухопловната база „Довер“
Непопуларна војна: Претседателот на САД, Трамп, на комеморација за загинатите војници во воздухопловната база „Довер“Фотографија: Bonnie Cash/UPI Photo/IMAGO

Трамп пак до сега следи друга линија и војната ја прикажува како успех. Ломан не очекува тој во Далас да отстапи од таквата линија. Аргументот на Трамп е „дека Иран го заслабнал до степен до кој ниту еден претседател пред него не го сторил тоа, ефикасно уништувајќи ја нуклеарната програма, така што Иранците сега практично молат за крај на конфликтот.“

Дали Далас ќе биде и бина за наследникот на Трамп?

Официјално на настанот во Далас се работи за среднорочните избори, но штом ќе завршат, следната претседателска трка ќе биде во центарот на вниманието. Потпретседателот на Трамп, Џ.Д. Венс, доби истакната улога на конвенцијата, додека потенцијално најголемиот ривал во партијата, Марко Рубио, до сега не е на списокот на говорници. Трамп сигурно нема да го назначи Венс за свој наследник во Далас, но неговиот потпретседател ќе има можност да се позиционира пред публиката на МАГА како потенцијален наследник на движењето. „Се чини извесно дека фокусот во Далас веројатно ќе се префрли на потпретседателот, меѓу другото и затоа што Венс до сега сноси многу мала политичка одговорност за војната со Иран“, вели Ломан.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседател на земјата – функција …