Што со дозволите за оружје издадени „со врски“ во МВР?

Што со дозволите за оружје издадени „со врски“ во МВР?

Организиран криминал со издавање дозволи за оружје во сопствените редови откри МВР и поднесе пријава до Oбвинителството. Не открива колку луѓе сега поседуваат оружје со дозвола која е издадена сомнително. МВР во просек издавало по околу 5 500 дозволи годишно во периодот за кој е отворена истрагата.

Министерството за внатрешни работи во име на тајност на истрагата не открива што ќе се случи со „сомнителните“ дозволи за поседување на оружје.

Откако на 18 ноември објави дека се поднесени кривични пријави против полицајци кои незаконски издавале дозволи за поседување оружје, нема информација што ќе се случи со овие дозволи и со оружјето за кои се издадени. Во одговор за Радио Слободна Европа од МВР велат дека со оглед дека се работи за актуелен случај каде што истражните дејствија се се уште во тек не може и не смее да коментираат детали од самата истрага која е во целосна надлежност на Обвинителството.

„Доколку е постапено спротивно на одредбите од Законот за оружје, постојат правни механизми и нормативни одредби предвидени во Законот за општата управна постапка, според кои може на соодветен начин да се постапува и одлучува во конкретни случаеви“, се вели во одговорот на МВР.

Во незаконското издавање на дозволи за поседување на оружје, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, учествувале токму претседатели и членови на комисии за издавање.

Во четири сектори за внатрешни работи се осомничени комисиите и тоа во Скопје, Битола, Тетово и Куманово. Периодот во кои се дадени дозволите е од 2021 до 2024 година. Осомничени се и членовите на комисијата за ревизија на издадени дозволи.

Меѓу осомничените се помошник на министерот и началник на сектор за оружје, за кои се вели дека знаеле што се случува, но ништо не сториле. Од соопштението произлегува дека кога сомнителните предмети биле давани на ревизија, до нив било напишано име на член на комисијата за ревизија, по што тие секогаш завршувале со позитивен исход за барателот, односно со издавање дозвола за поседување оружје.

Инаку „нарачаните“ дозволи се одлучувале преку ред, додека околу 5 500 предмети чекале предолго по што застареле.

Нелегални дозволи или дозволи само „со врски“

Професорот на Факултетот за безбедност, Злате Димовски за Радио Слободна Европа вели дека не сака да верува дека некој добил дозвола за поседување оружје на незаконски начин. Смета дека онака како што објави МВР повеќе наликува дека се тргувало со влијанија за побргу да се дојде до дозволата.

„Јас мислам дека тука повеќе се алудира на давање на приоритет на барања или тргување со влијанија, во смисла дека одредени луѓе дали се тоа лични пријатели дали по основ на некакво можно коруптивно делување во смисла за некоја сума на пари или пак за некои партиски влијанија, давања на оружје биле приоритет. Но тоа може да се преиспита, јас се надевам дека никој не би дал незаконски дозвола за оружје“, вели Димовски.

По случајот пак МВР најави дека ќе започне со електронско аплицирање за издавање на одобренија за набавување оружје.

„Со ова ќе се овозможи редоследно одлучување на поднесените барања, со што ќе се надминат несакани и незаконски состојби“, велат до МВР.

И покрај тоа останува дискреционото право на комисиите кои одлучуваат да донесат позитивно или негативно решение без да образложат зошто, вели професорот Димовски.

„Искрено оваа наша држава страда од тие дискрециони права во сите сфери на општественото живеење. Во случајов вие немате право да побарате образложение зошто јас не сум подобен, зошто не сум добил одредено право или зошто ми е ускратено? Би требало секој што ќе е одбиен да му се даде образложение зошто. Но и граѓаните би требало да дадат образложение зошто им е потребно оружје, а не само имам обична желба. Мора да се има лимити до каде и кој би можело да поседува оружје и зошто“, вели Димовски.

МВР „штанца“ дозволи за оружје

Според последната анализа “Истражување на мало оружје“, проект на швајцарски Институт за меѓународни студии од 2017 година, во Северна Македонија има над 620 илјади парчиња огнено оружје од кое за 450 илјади се смета дека е нелегално.

Тоа значи дека на сто луѓе, 30 имаат оружје, од кои осумина имаат дозвола за поседување оружје, а 22 немаат.

Според официјалните податоци на МВР најмногу дозволи за поседување оружје се издадени во 2004 година и тоа 7 140. После оваа година, веќе во 2005, бројот на дозволи наеднаш паѓа и се издадени само 1 700.

Од тогаш започнува растечки тренд, па во последните 4 години бројот на издадени дозволи се движи по околу 5 500 годишно.

Инаку патот за да се дојде до дозвола за оружје содржи неколку чекори кои не бараат огромен напор, но сепак се строго дефинирани. Во постапката треба да се има барање за регистрација на оружје , одобрение за набавка и доказ за таа набавка заедно со оружјето.

Таа се издава со рок на важење од 10 години, a на лица постари од 65 години живот со рок на важење од 5 години.

Сепак, според законот, секој не може да добие дозвола за оружје. Оној кој го поседува е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, со него да ракува внимателно и да го чува на безбедно место каде нема да биде на дофат на неовластени лица.

Исто така забрането е и да се продава оружје и муниција на човек кој нема одобрение за набавување.

Она што според Димовски е добро е што е забрането да се носи и употребува оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот.

Дополнителен проблем е што се уште има големи количини нелегално оружје, а најголема заплена од страна на министерството имало во 2021 година кога се одземени 330 парчиња оружје.

Но, во 2023 година голема е бројката на запленета нелегална муниција изнесува повеќе од 44 илјади парчиња, што е рекорден број во споредба со претходните години каде имало најмногу до 22 илјади парчиња запленета муниција.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Дамева

Тубуленции во Судскиот совет: Дамева поднесе оставка

На прес-конференција во Скопје, Весна Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во …