Еве што, во кратки црти, содржи обвинителниот акт поднесен против 30 лица, осомничени за настаните од 27 април:

  • Обвинетите се гонат за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а двајца за „Помагање“ при вршење на истото кривично дело. За четворица постапката е прекината, бидејќи во моментот се во бегство, а за пратеничката Жаклина Пешевска кривичното гонење е запрено.
  • Обвинетите  предизвикале акт на насилство, со што го загрозиле животот на пратениците, новинарите, овластените службени лица и вработени во законодавниот дом и создале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните.
  • Обвинителството обезбедило докази дека дел од обвинетите биле задолжени за мобилизирање на членството на неколку здруженија и други лица за насилно влегување во Собранието. Тие дејствувале од различни позиции и групи, координирано и со иста заедничка цел: да се оневозможи натамошно функционирање на законодавниот дом и на пратениците од парламентарното мнозинство.
  • Тројца од обвинетите, меѓу кои и Чавков, иако континуирано биле известувани дека им е загрозен животот на пратениците од новоформираното пратеничко мнозинство, новинарите, вработените и овластените службени лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни посебни и специјални полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието тој ден, со што директно придонеле непречено да се влезе во законодавниот дом и да се оствари целта на насилниот напад.
  • Од групата на обвинети се издвојувало едно лице кое дента во 14.30 часот било известено да ја започне акцијата, по што заедно со уште неколкумина обвинети го мобилизирале членството од Скопје и од други градови, за насилен упад во Собранието. Освен што ги организирале, на дел им дале и маски-фантомки, по што следувал уште еден телефонски повик во 18.58 часот да се упатат кон Собранието.
  • Со обвинителниот акт се опфатени и Игор Дурловски, Владо Јовановски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, кои ги повикале и ги повеле насобраните граѓани околу Собранието, а со потпалувачки говори ја разгореле нетрпеливоста на насобраните, после што тие се упатиле кон парламентот.
  • Со обвинението се опфатени и пратениците Јохан Тарчуловски, Крсто Муковски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски, кои заедно со тројца од собраниското обезбедување се обвинети за отворање на вратите. Претходно, еден од пратениците преку телефон се слушнал со еден од обвинетите кој бил пред Собранието, по што вратите биле отворени. Според ЈО, телефонскиот повик покажува дека постоела координација меѓу обвинетите од пред Собранието и тие кои биле внатре.
  • Кога луѓето влегле внатре, двајца вработени во Собранието и еден вработен во Агенцијата за разузнавање ги насочувале каде да се движат. Останатите обвинети, пак, се гонат бидејќи физички ги нападнале пратениците.
  • Додека траело насилството и нападот од страна на обвинетите, еден од нив се насочил кон Зоран Заев, посегнал кон пиштолот кој го носел со себе, но не пукал затоа што Заев бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица. Исто така, обвинителството констатирало дека под работните бироа во две канцеларии, биле поставени две импровизирани експлозивни направи.
  • Со цел да ги покријат трагите, двајца вработени во МВР одзеле два хард диска од видео надзорот. Покрај овие обвинети, обвинителството утврдило дека во насилството биле вклучени и други лица, на кои засега не им е утврден идентитетот.

Обвинение јасно како ден. Господа од судската фела, вие сте на ред!