Што треба да очекуваме?

Што треба да очекуваме?

Пишува: Жарко Стеваноски

Статичноста на состојбите во изминатите два месеца во која доминираа оркестрираните говори на “преродбениците“ со екстензија до перверзност во злоупотреба на пратеничката функција, имаше една цел: пролонгирање на “судниот ден“ за членовите на злосторничкото здружување. “Спонтаните“ протести на движењето „За заедничка Македонија“ низ улиците на државата, освен тапкање во место со политички прогнози, осуда и решенија од критичката јавност, не даваа друга можност да се каже нешто ново а да тоа не биде повторување на еднаш кажаното.

И по редот на нештата, преку изборот на нов претседател на Собранието “судниот ден“ го најави скорешното доаѓање. Невешто и за јавноста (не)очекувано, “преродбениците“ ја зграбија последната сламка за спас на сопствената кожа, преку злоупотреба на двата контрадикторни профили на граѓани кои упаднаа во законодавниот дом со намера, преку создавањето хаос, да испровоцираат прогласување вонредна состојба во државата. Едните “дил-ориентид“ бизнисмени и интересни структури кои изминатата декада дебело се нафатираа од државниот колач, а другите до “гроП“ фанатични приврзаници на ВМРО, кои најпосле добија можност навидум да се почувствуваат и да се експонираат како “браник“ и фактор на државноста.

Ладниот туш кој веднаш после изборот на новиот собраниски спикер во форма на негово признавање и честитка стигнаа од ЕУ и САД, ја забетонира досегашната власт во идна опозиција и означи старт за имплементирање на реформските процеси во државата. Со тоа се отвори прашањето: што треба да очекуваме?

Процесите кои се одвиваа во изминатите две години во насока на разобличување на криминалната структура на ВМРО-ДПМНЕ, уште од самиот почеток создадоа можност заедно со нив да отпочнат и други, речиси подеднакво суштински како и првите. Со оглед на комплексноста на проектот „Вистината за Македонија“ и сето она што подоцна следеше, во голема мера беше објективна пречка за нивно истовремено водење. Пред СДСМ се отвори патот кон создавање на јасна слика за внатрепартиската структуираност, а преку тоа и за идната институционална поставеност на сопствените кадри, што несомнено ќе нѐ одведе до одговорот на поставеното прашање.

Преку актуелните внатрепартиски и демократски процеси за избор на претседател на СДСМ, членови на Централниот и Надзорниот одбор, очекуваме дека партијата ќе воспостави нов систем на квалитативно внатрепартиско делување преку избор на компетентни кадровски решенија инкорпорирани во структурите на трите власти во државата. Тие се тие кои треба да придонесат кон имплементирање на владината програма и отстранување на детектираните аномалии во сите сегменти на државниот апарат. Истовремено, нивниот ангажман треба да им ја донесе правдата на граѓаните, онаа која еднаш засекогаш треба да биде исклучок од досегашното правило на неказнивост при злоупотребата на државните функции од страна на народните избраници. Граѓаните очекуваат имплементирање систем на вредности кој тие веќе имаа можност да го препознаат. Систем кој нема да остави простор за дилеми по однос на прашањето дали идните државни функционери ги заслужуваат добиените позиции и дали ќе работат за добробит на сите граѓани на Македонија?

До крајот на годината граѓаните очекуваат да видат комплетно нова функционалност во водењето на државната политика, која со оглед на природата на случувањата во државата во себе, без исклучок, ќе ги инкорпорира трите следствени есенцијални потреби: потребата од осуда заради идна превенција, понуда на квалитетни решенија и потребата од нивна ефикасна имплементација. Бидејќи после тешкиот период низ кој поминавме, само така можеме да очекуваме иднина и ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …