Швајцарија во јуни ќе одржи референдум за ограничување на населението на најмногу 10 милиони жители. Иницијативата „Не за Швајцарија со 10 милиони жители“ ја поднесе десничарската, антиимигрантска Швајцарска народна партија (СВП), а владата потврди дека има доволно потписи за да оди на гласање на 14 јуни.
Што предвидува иницијативата?
Швајцарија моментално брои околу 9,1 милион жители, од кои приближно 30% се странци, претежно од земји-членки на Европската унија.
Иницијативата предвидува уставни измени според кои, доколку бројот на жители — вклучувајќи ги и државјаните и странците со регулиран престој — достигне 9,5 милиони пред 2050 година, владата мора да преземе мерки за забавување на растот.
Таквите мерки би опфатиле:
- рестрикции во политиките за азил,
- ограничувања за семејно обединување,
- построги правила за издавање дозволи за престој.
Предлогот ја задолжува владата и „да ги преиспита или повторно да ги преговара меѓународните договори кои го поттикнуваат растот на населението“.

Доколку бројката од 10 милиони сепак се надмине, властите би биле обврзани „да преземат сите расположливи мерки“, вклучително и прекин на Договорот за слободно движење со Европската унија.
Поддршка и критики
Анкетата спроведена во ноември од истражувачкиот институт ЛеВас покажа дека 48% од испитаниците ја поддржуваат или се наклонети да ја поддржат мерката, додека 41% се против, а 11% неодлучни.
Сепак, иницијативата се соочува со силно противење од Федералниот совет — колективниот шеф на државата — како и од повеќето политички партии и деловни здруженија.
Според нив, намалувањето на миграцијата би предизвикало сериозен недостиг на работна сила, особено во здравството, јавниот превоз, угостителството и градежништвото.
Бизнис-асоцијацијата Економисуис ја нарече иницијативата „иницијатива за хаос“, предупредувајќи дека без странски работници, многу компании би биле принудени да го префрлат бизнисот во други земји. Во заеднички документ со Асоцијацијата на работодавачи беше наведено дека „земјата и во иднина ќе зависи од трудова миграција“.
Швајцарија и директната демократија
Швајцарија одржува референдуми четирипати годишно. Секоја иницијатива што ќе собере најмалку 100.000 потписи може да се најде на гласачко ливче како „народна иницијатива“.
Но, само околу една од десет успева да биде усвоена.
СВП, најголемата партија во парламентот, често е обвинувана за поттикнување ксенофобични ставови и претходно има прекршено делови од антрасистичкото законодавство на земјата.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место
