Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров денеска, во рамки на својата нордиска турнеја ќе престојува во работна посета на Финска.

Димитров вчера во Стокхолм имаше средба со шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром, на која беше усвоена декларација за соработка меѓу двете земји, со која, како што соопшти македонското МНР, „се потврдува поддршката на стратешките цели на Македонија и се утврдуваат полињата од заемен интерес за градење на понатамошна поконкретна соработка“.

Димитров на средбата ја истакнал цврстата определба на Владата за враќање на земјата на патот на европските интеграции, трасиран преку реални и темелни реформи во областите од суштинска важност и спроведување на политика на отворен дијалог со сите свои соседи, базирана на европските вредности и принципи, како и дека враќањето на влијанието и поддршката од нашите европски пријатели е клучна во таа смисла.

Валстром изразила силна и недвосмислена поддршка за активностите на новата македонска Влада за брзо ревитализирање на европската перспектива на Македонија и уверила дека Шведска е искрено заинтересирана за зголемување на конкретната помош во области што се најкорисни за нашата реформска агенда.

За време на посетата на Стокхолм, Димитров имал средби и со првиот заменик-претседател на Парламентот на Кралството Шведска, Тобиас Билстром, со членови на парламентарната Комисија за европски прашања, како и со високи претставници на Институтот СИПРИ и на Меѓународниот центар „Олаф Палме“.

Извор: МЕТА