Прилеп и Куманово годинава заедно го чествуваа „11 Октомври“ на свеченоста што се одржа во центарот на градот, во организација на Општина Прилеп, а на која присуствуваа делегација од Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев и делегација од Општина Куманово со градоначалникот Максим Димитриевски.
Пред масовниот народен собир, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски пренесе слободарски пораки, оддавајќи почит на борците од НОВ кои што ги вградија своите животи во денешната слобода.
„Ние продолживме по нивните стапки, по нивните соништа да направиме држава која што ќе има свој напредок и просперитет. Сите сакаме просперитетна Република Македонија, интегрирана во евроатланските асоцијации. Патот е тежок и долг, но заедно ќе го изодиме, зашто знаеме дека на крајот од тој пат не чека,светла иднина. Тој пат го одбраа младите, студентите, бизнисмените,уметниците, спортистите и сите граѓани.Најголем дел од граѓаните на Република Македонија го избраа овој пат и ќе гоизодиме. На претседателот на Владата, на премирот Зоран Заев ќе му покажеме дека оваа држава ќе излезе на вистинскиот пат,сите заедно со премиерот Заев ќе покажеме што сакаме. Имаме своја визија и своја цел. Таа цел сите заедно ќе ја оствариме. Сакам во оваа прилика да повторам уште еднаш дека Македонија ќе ја биде“,порача градоначалникот Јованоски.
Неговиот колега од Куманово, Максим Димитриевски пренесувајќи ги честитките од своите сограни рече дека Прилеп и Куманово се вградени во македонската историја.
„Нашите предци гордо и достоинствено излегоа,ги земаа пушките во рака, се организираа и почнаа едно сенародно востание за ослободување на државата од фашизмот. Токму поради нив благодарејќи на тие генерации луѓе денеска живееме на ова парче земја, кое што сите ние го сакаме и веруваме во нејзината иднина. Затоа истите тие не обврзуваат.Таму кај што тие застанаа да продолжиме, сите ние заедно. Нашите предци не обврзуваат денеска почитувајќи го минатото и историјата, следејќи ја нашата Македонија, низ формата на една Вардарска, Социјалистика Република денеска да продолжиме на патот кон европеизацијата на една стабилна држава вредна за достоинствен живот на секој нејзин граѓанин“, рече градоначалникот на Куманово, Димитриевски.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во своето обраќање стави акцент на влогот на храбрите борци од Антифашистичкото востание и НОБ.
„Должни сме на нашите идни генерации да им дадеме доволно причини да си го видат своето сопствено место во домот Република Македонија.
Должни сме да преземеме одговорност за Република Македонија да биде дом, на слободата на сите нејзини граѓани. Како нова ѕвезда, во европското соѕвездие. И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историски избор. Оваа генерација треба одлучно и храбро и да го направи исчекорот за остварувањето на нашата стратегиска цел во оваа фаза од нашата историја. Егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност, стабилност, признаен идентитет. Сето ова преку членство во НАТО, а потоа и членство во ЕУ“,порача премиерот Зоран Заев, вечерва од Прилеп.
Премиерот Заев и градоначалниците Јованоски и Димитриевски положија свежи цвеќиња пред бистата на Јосип Броз Тито во меморијалниот музеј „11Октомври“, посетувајќи ја трајната поставка од НОБ. При тоа тие се запишаа и во книгата на спомените.
Од денеска до бистата на Тито се наоѓа и една од репликите на орденот „Народен Херој“,одликување на градот Прилеп,врачено од Маршалот Тито на 07 мај 1975 година, како симболично признание за влогот на градот кој даде 650 борци погребани на Могилата на непобедените,а 15 од вкупно 66 народни херои во цела држава.
Чествувањето во предвечерието на големиот национален празник во Прилеп продолжи со импровизираниот напад на Участакот, а потоа со импресивен огномет.
Прославата беше збогатена и со 3Д визуелизација на Участакот преку која што беше раскажана приказната за НОБ до денес.
Изутрина делегации од Општина Прилеп,политички партии и граѓани ќе оддадат почит и ќе положат свежи цвеќиња пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, Алејата на народните херои, споменикот Жена – борец и Могилата на непобедените.