Синдикална војна среде битка за повисок минималец

Синдикална војна среде битка за повисок минималец

ССМ обвинува дека власта намерно ги минирала преговорите за платата и оти преку општините и министерства прави притисоци за да ја зајакне Конфедерацијата на слободни синдикати. Владата, пак, ќе преиспитува кој е репрезентативен бидејќи тврди дека сака „фер и правична застапеност на работниците“.

Која синдикат е релевантен, кој не е, колку е реална потрошувачка кошничка, која синдикална организација е поблиска до една или до друга политичка партија … Прозивките и нападите, меѓу кои и од власта, за овие прашања станаа секојдневие во период кога македонските работници се во исчекување, дали покрај редовното усогласување на минималната плата од околу 1.800 денари, ќе се постигне договор за зголемување и од 6.000 денари.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), бара минималецот наместо 24.300 – колку што треба да биде од овој месец, да изнесува 30.000 денари. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не запира со обвинувањата дека оваа синдикална организација одработува и е во дослух и одработува за опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. А, на масата за преговори сака да седне и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која тврди дека неоправдано била исклучена изминатите неколку години.

Владата најави, а утре (11.10.2025) се очекува да преземе и конкретен чекор за да се испита кој се од синдикатите е репрезентативен.

„Владата на следната седница ќе формира комисија која ќе ја утврди репрезентативноста на синдикатите. Фер и правична застапеност на работниците, како и унапредување на социјалниот дијалог се приоритет кој ја покажува посветеноста кон транспарентноста и зајакнувањето на довербата меѓу работниците и нивните претставници“, велат од Владата за РСЕ во пресрет на утрешната седница.

Зошто е важно да се утврди репрезентативност на синдикатите?

Комисијата која го утврдува прашањето на репрезентативност ја сочинуваат по три претставници на Владата, синдикатите и работодавците. Владините ќе бидат назначени утре, по еден од министерствата за економија и труд, за правда и за социјална политика, демографија и млади.

Комплетирањето на оваа комисија е важно затоа што откако таа ќе утврди репрезентативност, Економско-социјалниот совет (ЕСС) треба да го направи усогласувањето на минималецот. А, дел од ЕСС се токму синдикатите кои се утврдени како репрезентативни.

Од ССМ тврдат дека Владата намерно ги повлекла членовите на оваа комисија за да го минира процесот на преговори за минималната плата. Претседателот на Сојузот, Слободан Трендафилов, вели ќе биде изненаден ако Владата утврди нови членови на комисијата бидејќи неколку недели наназад го најавува тоа.

Еден синдикат е репрезентативен ако неговото членство брои 10 отсто од вработените во државата, несметајќи ги назначените и именуваните лица. И ССМ и КСС уверуваат дека го исполнуваат условот, а ако тоа и се формализира, двете организации ќе бидат вклучени во идните преговори во рамки на Економско-социјалниот совет.

„Овој пат ќе биде за сите исто, нема да биде селективно само за еден синдикат. Ние имаме број на членови, но за жал во изминатите години не ни беше дозволено да ја докажеме таа репрезентативност“, вели за РСЕ, Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Обвинувања за политички упад

И ССМ и КСС се обвинуваат меѓу себе, а реагираа и на политичко мешање – едните сега, другите во минатото.

Трендафолов на прес-конференција на 10 март ја прозва владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека наместо да се пресметува со останатите партии во Собранието, одбрала да се пресметува со Сојузот на синдикати, како претставник на работниците.

„Нема да дозволиме апсолутно на никој, како ССМ која како организација опстојува 79 години, да ја напаѓаат и да работат со политички наредби на локално ниво во општините, во јавните претпријатија и во министерствата од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со наредба на нивните директори полтрони, раководители и шефови да прават упади во синдикалните организации на ССМ – се со една цел, да го зајакнат КСС на сметка на работниците да прифати минималната плата да изнесува 24.400 денари, да не ги зголемат платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 проценти нето“, рече Трендафилов.

За порашениот претседател Живко Митревски, кој минатата недела обвини дека актуелното раководство на ССМ е нелегитимно, Трендафилов на денешниот прес реагираше дека екс претседателот „се продава на ВМРО-ДПМНЕ“ за да се согласи за помал минималец.

Коментирајќи ги обвинувањата од власта, актуелниот претседател на ССМ рече дека „не знаел дека е толку моќен за да ја обедини цела опозиција зад него“, како и „власта да се плаши само од еден човек“.

Трендафилов реагираше дека ССМ бил напаѓан и од претходните власти, а на претходниците се жали и Ралповски, кој вели дека сега запрело мешањето на политиката во КСС.

„Кај нас сопре тоа мешање на политиката во синдикалното организирање затоа што имавме големи напади. И не само што се мешаше политиката туку и се одразуваше на лидерите на синдикатот кои секојдневно добивавме откази. Но, во овој момент и ние и ССМ го имаме тој социјален дијалог, седнуваме на маса, впрочем тој покажува дека направивме историски спогодби и за здравство и за образованието“, вели Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Најави за протест од ССМ

Додека траат пресметките меѓу синдикатите, од ССМ велат дека оставаат подадена рака да седнат и да преговараат.

Трендафилов најави дека доколку нема договор, како и минатата година, на истите датуми 2 и 7 април, како и 1 мај, работниците може ќе се организираат и ќе излезат на протест.

Рокот за усогласување на минималната плата истекува на крајот на март.

Актуелната методологија по која се пресметува минималната плата беше договорена во февруари 2022 во преговорите во рамки на Економско-социјалниот совет помеѓу работодавците, ССМ и тогашната Владата. Се користат три критериуми. Меѓу нив се усогласувања на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Третиот критериум, кој беше воведен како новина, е дека висината на минималецот не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

Усогласувањето се врши еднаш годишно во март.

Во моментов, минималната плата изнесува 22.567, додека просечната во декември 2024 беше 43.587 денари.

На барањата од месецов минималецот да изнесува 30.000 денари, наместо 24.300, од власта одговорија дека ќе прифатат тоа што ќе се договорат синдикатите и работодавците, но премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема пари во буџетот за предлогот Владата да субвенционира придонеси за повисок минималец.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

За трагедијата во Кочани осомничени вкупно 34 лица: Сите знаеле дека „Пулс“ не ги исполнува условите за работа

За трагедијата во Кочани осомничени вкупно 34 лица: Сите знаеле дека „Пулс“ не ги исполнува условите за работа

Осомничени се сопственици, управители, екс-министри, градоначалници, директори, секретари, раководители, соработници, обезбедувачи, полицајци, продавачи на билети. …