Синдромот „гости”

Синдромот „гости”

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Се сеќавам уште од мала, а верувам дека и секој од вас барем еднаш се соочил со „синдромот гости”. Тоа се случува во многу семејства кои кога имаат гости, сите стануваат покултурни, поразумни, потрпеливи, пофлексибилни. Дури и сум била на гости кај блиски комшии или роднини, кај кои во моментот кога доаѓале „подалечни” гости, тие веднаш ја прекинувале и најжестоката расправија, се стишувале и започнувале да се однесуваат многу подостоинствено меѓу себе. Бидејќи сега не се сами, сега имаат гости.

Кога гостите ќе заминат, домаќините продолжуваат по старо: не разговараат меѓусебно, избегнуваат да се соочат со она што ги прави нервозни, бидејќи секако за проблемот кој го имаат “нема решение“. Тоа е што е, и сега нема да отвораат теми за кои со години не се слушале меѓусебно, а камо ли да пробаат да се разберат.

Дома може и да не ви е уредно и тоа да не ви претставува никаков проблем. Но ако доаѓаат гости, веднаш е друго – сите стануваат на нога, се’ се средува беспрекорно и раат се чекаат гостите. И не само тоа, туку ако се повикаме на постарите генерации, ќе се присетиме на нивната навика, најубавите чаршафи, чаши, сервиси… да ги чуваат за гостите. Така, многу често при крајот на својот животен век баба ми велеше:„Ех, сега ми е навистина жал кога ќе се сетам дека најубавите работи, најубавите сервиси, постелнини, тањири, сум ги чувала само за гости, не бев свесна дека јас треба да ги изживеам”.

Генерациите кои следеа надминаа дел од навиките на нивните претходници, но однесувањето кон себе и кон другиот до нас се’ уште е лекција за која секоја личност засебно треба да обрне внимание. Да почне да ја согледува потребата од културно, разумно, толерантно и спокојно однесување и тогаш кога „немаме гости”.

Овој начин на презентација на денешната тема го одбрав за да биде близок до секој, бидејќи, како што напомнав, секој од нас имал можност да доживее или да се најде во слична ситуација.

Како држава, оваа недела имавме историски гостин – во Република Северна Македонија дојде Папата. Организацијата помина во најдобар ред, институциите се екипираа, сообраќајот беше организиран. Иако за многумина беше неработен ден, многу фирми работеа, па така од повеќемина кои тој ден патуваа до своите работни места, слушнав дека толку лесно и релаксирано не стигнале на работа ниту во сабота. Улиците по кои гостинот поминуваше беа средени, плоштадот целосно чист, здравствените прегледи реорганизирани и насочени кон Воената болница… владееше ред и мир.

После сите турбулентни секојдневија, во кои со години владее неорганизираноста, бесот, меѓусебното непочитување, тензиите, пцуењата по семафори, имавме ден во кој сите беа културни, прибрани, вредни, организирани, а и задоволни.

Секој од нас знае дека Македонецот/граѓанинот на Република Северна Македонија, во Германија го фрла ѓубрето во канта, а во Македонија, била таа северна или не, тоа не го практикува. И овој пример, и синдромот на „гости”, не’ упатуваат на многу очигледен факт: дека на граѓаните им треба воспитување преку ред, дисциплина и доверба во јавна вредност. Неопходно е да се потсетиме дека учтивото однесување, толеранцијата, флексибилноста и рационалноста, треба да ги практикуваме не само пред другите, бидејќи само така ќе дознаеме за самопочитта, ќе ја вратиме довербата за вредност на почитта кон другиот, но и кон институциите.

Во политичката наука постојат согледувања и анализи за кризи во владата кои се надминуваат. Постојат анализи кои се однесуваат на криза на институциите во политичкиот систем и за нив има низа механизми кои можат да бидат ефикасни. Но, постојат анализи и за криза на општеството, за која ако опстои предолг период, тогаш доаѓа до целосно слабеење на социјалниот капитал, слабее добрата волја, слабее соработката, довербата, емоционалната поддршка, моќта и влијанието на важните општествени позиции и релации.

Како крајна порака, ќе раскажам една анегдота која ми ја раскажа еден ценет повозрасен пријател, кој рече:„Бев магационер во Германија. Потоа завршив со студии и дојдов во Македонија и за кратко време станав заменик министер. Верувајте ми, како човек, како личност, поголема социјална сигурност имав во Германија како магационер, него ли тука како заменик министер”. Сега, оваа разлика е видлива за секој, не само за оној кој ќе го искуси тоа на своја кожа.

Синдромот на „гости” на општествено ниво се надминува со ефикасност на институциите, кои за „домаќините” треба да постојат секојдневно. Граѓаните, пак, се оние кои мора да се свестат дека не сакаат да им е организирано и чисто само кога доаѓаат гости, туку дека така треба да се живее секој ден!

Ова, секако, важи за сите нивоа на организирање на животите на луѓето – за семејството, политиката, власта на локално и на централно ниво, за сите организации и претпријатија, сите институции и здруженија… синдромот на „гости” е сеприсутен. Првиот чекор за решение е препознавање на проблемот. Ние, еве, почнавме токму од таму.

Прочитајте повеќе

СДСМ лого

СДСМ: Во новиот мандат европски систем за правда и целосен ветинг во новиот мандат

Соопштение за јавност на СДСМ Клучна определба во новиот мандат на СДСМ е европски систем …