Во Северна Македонија се потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците, а околу 10.000 грла се угинати. Надлежните институции секојдневно ја следат состојбата и преземаат мерки за спречување на ширењето на болеста. Според последните официјални податоци, 50 жаришта се во Источниот регион, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Министерот апелира до сточарите да ги почитуваат препораките
Тој на прес-конференција апелираше до сточарите доследно да ги почитуваат препораките на надлежните институции, навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи и да избегнуваат користење заедничка опрема без претходна дезинфекција.
Според Серафимовски, следењето на епидемиолошката состојба покажало дека еден од главните ризици за пренесување на заразата е стрижењето на овците со ножици кои претходно не биле соодветно дезинфицирани.
Вакцини се обезбедуваат преку меѓународни партнери
Министерот информира дека институциите веќе преземаат активности за обезбедување вакцини преку Европската Комисија, Република Турција и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
„Обезбедувањето вакцини нема автоматски да значи започнување на вакцинацијата. Одлуката ќе се темели на стручна проценка на епидемиолошката состојба, ризикот и можните ветеринарно-здравствени и економски последици од вакцинацијата“, истакна Серафимовски.
Ќе има обесштетување за погодените сточари
Одговарајќи на новинарски прашања, Серафимовски рече дека сточарите чии стада се погодени од појавата на сипаници кај овците ќе бидат обесштетени. Во тек се проценките и подготовките за обезбедување средства за исплата, а моделот за обесштетување веќе е утврден од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Тој нагласи дека Министерството и Агенцијата за храна и ветеринарство се во постојана комуникација и повторно упати апел до сточарите строго да ги почитуваат сите пропишани мерки.
„Свесни сме дека за многу семејства сточарството е основна дејност и извор на егзистенција, но мерките мора да се почитуваат. Шест месеци не е дозволено на истото одгледувалиште повторно да се внесе нов сточен фонд“, нагласи министерот.
Според него, дел од проблемите со ширењето на болеста се резултат и на непочитување на пропишаните превентивни мерки.
Околу 10.000 угинати овци
Во однос на состојбата на терен, Серафимовски информира дека досега се евидентирани околу 10.000 угинати грла овци. Министерот посочи дека надлежните институции будно ја следат состојбата и во соседните земји, особено поради ризикот од други заразни болести кај добитокот.
„Имавме работна средба со надлежните институции во Србија за размена на информации и искуства, а внимателно ја следиме состојбата и во Грција. Засега најголем предизвик за нас остануваат сипаниците кај овците и правиме сè за да го ублажиме ударот и да спречиме натамошно ширење на болеста“, изјави Серафимовски.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место