Руските сили продолжуваат со неселективни напади на градот Лисичанск, а регионалните власти ја опишаа ситуацијата како „многу тешка“. Лисичанск е последното украинско упориште на исток.
„Руските сили се обидуваат да го опколат градот“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина на 29 јуни.
Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање на 29 јуни соопшти дека руските сили продолжуваат да напредуваат во нивните напори да го опколат Лисичанск. Се наведува дека од 25 јуни, руските сили напреднале уште 2 километри во близина на нафтената рафинерија Лисичанск, јужно од градот.
Шефот на воената администрација во Луганск, каде што се наоѓа Лисичанск, исто така извести за зголемена воена акција.
„Русите го користат секое оружје што им е достапно и без да разликуваат дали целите се воени или не – училишта, градинки, културни институции“, рече гувернерот на Луганск Серхи Гајдеј.
Тој додаде дека ситуацијата во Лисичанск наликува на онаа во неговиот збратимен град Сјевјеродонецк каде што руските сили почнаа да уништуваат зграда по зграда. Сјевјеродонецк падна во рацете на Русија на 25 јуни.
„Ситуацијата во Лисичанск е многу тешка. Сè се уништува“, рече Гајдеј на телевизија.
Има извештаи за напади и во други градови.
Градоначалникот на јужниот град Миколаив, Олександар Сенкевич, изјави дека на 29 јуни изутрината била погодена катна станбена зграда и дека таму работат спасувачите.
Во регионот на Днепропетровск, кон исток на Украина, шефот на регионалната администрација, Валентин Резниченко, рече дека телата на маж и жена биле пронајдени закопани под урнатините на зградата што беше погодена од руски проектил претходниот ден.
Тој претходно изјави дека Русија на 28 јуни истрелала шест проектили во регионот, од кои три биле соборени.
Одделно, властите поставени од Русија изјавија дека нивните безбедносни сили го приведоа градоначалникот на градот Херсон, Ихор Колихаев на 28 јуни, откако тој одби да ги следи наредбите на Москва. Локален функционер рече дека градоначалникот бил киднапиран.
Херсон, пристанишен град на Црното Море, се наоѓа северозападно од полуостровот Крим, анектиран од Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото редовно вечерно видео обраќање повторно ја обвини Русија дека намерно гаѓа цивили. Тој го посочи нападот во Кременчук, врз преполн трговски центар каде што загинаа најмалку 18 луѓе, а десетици се уште се води како исчезнат.
Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање, пак, соопшти дека постои „реална можност“ ракетниот напад врз трговскиот центар Кременчук да бил наменет да погоди блиска инфраструктурна цел.
Во извештајот се вели дека недостатокот на прецизност на Русија во изведувањето на напади од долг дострел претходно резултирал со инциденти со масовни цивилни жртви, вклучително и на железничката станица Краматорск на 9 април.
Во британскиот извештај се вели дека е „многу веројатно“ руските напади да продолжат да предизвикуваат дополнителни цивилни жртви со оглед на тоа што на Русија и недостасува помодерно прецизно оружје и има професионални недостатоци на плановите за таргетирање.
Извор: Радио Слободна Европа