Од денеска стапува во сила новиот Закон за јавно обвинителство. Со тоа и официјално престанува да постои Специјалното јавно обвинителство, СЈО, кое беше во центарот на вниманието на јавноста додека ги водеше истрагите и покренуваше обвиненија против членови на поранешната власт, но и поради случајот „Рекет“ во кој специјалната обвинителка Катица Јанева веќе има првостепена осуда на 7 години затвор.

Обвинителката Фатиме Фетаи, која беше една од трите најекспонирани обвинителки во СЈО, смета дека со стапување во сила на новиот Закон, ниту борбата за правда застанува, ниту животот застанува.

„Тоа единствено претставува една нова законодавна рамка која ни дава можност на сите обвинители заеднички на нов начин да се справиме и да се бориме против криминалот. Како и на кој начин ние ќе го искористиме тоа, зависи од сите обвинители“, изјави Фетаи, по денешното рочиште за „Монструм“, случај на СЈО, кој сега преминува во рацете на ЈО.

Обвинителката Ленче Ристоска, која исто така беше дел од СЈО, на својот Фејсбук профил напиша дека СЈО беше симбол за борба за идеали, за борба за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост.

„Начинот на кој згасна, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципиелно и однесување со интегритет. Горчливо- сладок е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија“, напиша Ристоска.

Во интервју за МИА, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за стапувањето во сила на Законот вели дека нема да ја повтори грешката, кога поради непостапување по конкретните случаи во редовното обвинителство, се формираше СЈО, и уверува дека започнатите предмети ќе бидат завршени. Исто така, и дека не очекува опструкции во практичната примена на Законот, кој беше донесен во февруари годинава, по многу препукувања, тензии и притисоци меѓу политичките партии.

„Зависно од фазата во која беше преземен секој од предметите, се продолжи со дејствијата и постапките течат. Здравствената криза донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, што беше наметнато од приоритетот да се обезбеди здравјето на сите лица инволвирани во постапките. Напомнувам дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена. Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема, за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“, изјави Јовески за МИА.

Извор: МЕТА