Македонија, САД, Романија, Гана – заедничко за сите овие е што имаат или имале специјални обвинители или советници, односно луѓе кои истражуваат одредени нелегални активности на високи функционери.
Државава своето Специјално јавно обвинителство го доби во 2015 година, како производ на политичката криза која ескалираше по објавувањето на таканаречените опозициски бомби.
Јас сум задоволен, имаме закон што гарантира целосна автономија, а Катица Јанева е обвинител кој нема никаква партиска припадност – со овие зборови сегашниот премиер Зоран Заев, во септември 2015 година, тогаш како опозиционер, за Радио Слободна Европа го објаснуваше договорот за законот за Специјалното јавно обвинителство и за изборот на обвинителката од Гевгелија за прв човек на тимот. Тогашниот премиер Никола Груевски исто така беше задоволен – личноста која е избрана е висок професионалец, рече тој.
Но, неколку месеци подоцна, перцепцијата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за специјалната јавна обвинителка се смени. Во октомври тој тврдеше дека немало да бидеат пречка во работата на Јанева, но веќе во декември 2015 година почнаа нападите дека таа е продолжена рака на СДСМ и Заев.
Сега мандатот на обвинителство, како што законски го договорија Заев и Груевски пред речиси четири години, истекува. Мислењата за тоа што го сработи Јанева и нејзиниот тим остануваат поделени.
Имаше ли друг начин?
СЈО се формираше по сериозните обвинувања од опозицијата за работата на тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски. Неговата оставка беше и едно од клучните барања на СДСМ, но откако не се презема таков чекор се отиде кон опцијата формирање на Специјално јавно обвинителство. Тогаш немаше простор за да се направат промени во Републичкото јавно обвинителство, смета Натали Петровска од коалицијата Сите за правично судење.
„Суптилен притисок беше правен континуирано и од граѓанскиот сектор и од тогашната опозиција и од сите кои на некој начин беа засегнати со владеењето на правото. Меѓутоа, немаше капацитет, можност и најклучното – волја, тогашното обвинителство да работи и да постапува“, вели Петровска.
Првиот предмет на тимот на Катица Јанева беше Титаник за нерегуларности на изборите во 2012 година, а потоа следуваа и низа предмети и пресуди. Со првите прес конференции на тројката медиумски најекспонирани обвинителки – Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи почна да расте и поддршката за нив. Испитувањата на јавното мислење во тој период покажуваа оргомна поддршка па така според едно истражување на американскиот Меѓународен републикански институт во 2016 година работата на СЈО ја поддржуваа дури 63 отсто од граѓаните. Но, друга понова анкета, направена пред четири месеци од МЦМС и Телевизијата Телма покажува топење на поддршката кон оваа институција. Тогаш недоверба во СЈО покажаа 53,5 отсто од граѓаните. Анкетата беше спроведена и по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија откако му беше изречена затворска казна за случајот Тенк на СЈО, за што дел од граѓаните вината ја посочија и во тимот на Јанева кој не побарал притвор.
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека за тој краток период во кој работеа обвинителите од Специјалното јавно обвинители си ја завршиле до некаде задачата која им беше дадена со Пржинскиот договор.
„Тоа што тие обвиненија не се пресудени е постапка пред суд. Таа е комплицирана, обемна, многу обвинети, многу докази, така што нивното застапување во Судот го ценам како успешно. Тоа што ќе биде со новата надлежност што се предвидува во предлог-законот сум оптимист, но морам да забележам дека е потребно во најмала рака и специјално одделение во Судот кое ќе се занимава исклучиво со висока корупција“, објаснува Илиев.
Петровска, пак, чија организација ги мониторира сите судски случаи кои ги има поведено СЈО, вели дека толку можеа да сработат, земајќи го предвид фактот дека една година од својот мандат потрошиле на опструкции во работата од државните органи.
„Сепак, за ваков вид на постапки не би требало да се стави временско ограничување за функционирање на такво тело специјализирано за гонење на организиран криминал и висока корупција. Сметам дека временскиот период кој ним им беше оставен практично е премал за тие да успеат да го дадат исходот кој народот го очекува“, вели Петровска.
Иднината на СЈО
Според законот за обвинителство, тоа требаше да поведе обвиненија во рок од 18 месеци од „денот откако ги презема предметите“. Самата Јанева повеќепати повикуваше на укинување на рокот, но тоа не се случи. Сега партиите преговараат за нов закон за специјалното јавно обвинителство, а еден од клучните услови на опозицијата за поддршка која е неопходна, бидејќи се потребни 81 пратенички глас, е со него да не раководи Јанева и нејзиниот тим.
„Да, точно е ние сме против Катица Јанева и овој состав на обвинители кој што се дел од нејзиниот тим од една проста и едноставна причина што не само што го загубија човечкиот, туку го загубија и професионалниот капацитет“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Токму заглавувањето на овој закон во политички пазар и собраниски лавиринти може да донесе закочување на евроатлантскиот пат на државата, велат аналитичарите. Адвокатот Александар Тортевски вели дека досегашната пракса покажа дека просторот за политички маневар е голем и дека не може ни да се предвиди за што сè може да се испазарат пратениците со цел учество во донесувањето на реформските решенија.
„На пример може преќутен пазар за споро водење на постапките, преќутен пазар за неизрекување на тешки мерки за безбедност против обвинетите, да нема притвор, да се влечат предметите, преќутен пазар да стигнат предметите до застарување, така што не знам, неограничени им се можностите и ништо веќе не ме изненадува, нема лимит на политичкиот пазар во оваа држава“, вели Тортевски.
Целиот текст читајте го тука
Извор: Радио Слободна Европа