СЈО vs УБК = КПД

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 Во воздухот се чувствува мирисот на промените. Притоа, не мислам на промените кои ќе дојдат после 11-ти декември, туку на оние кои им претходат за да тие се случат.

Фијаското на митингот на ДПМНЕ. Почетокот на најавеното „одметнување“ на дел од досегашните пратеници. Срамежливото појавување на нивни високи државни и партиски функционери на ТВ дуели… Сето тоа се јасни сигнали оти ветрот на промените за скоро, за многу скоро, ќе стане видлив и со голо око.

За очекување беше дека „бомбите“ на Заев ќе ги омекнат челичните партиски стеги со кои Грујо ја контролираше гломазната машинерија. Без разлика што тоа се случува многу подоцна од очекуваното, вистинско задоволство е да се биде жив сведок на почетокот на распадот на системот кој зеде на душа десетици илјади граѓани и ја клекна Македонија на колена. Само, кој можеше да верува дека наспроти сите мачо типови и алфа мажјаци кои виреат во државава, дека жена ќе му ја скрои капата на Пастирот? И дека тоа нема да бидат ни мајка Нада ни Боркица, ами-Катица!

Уште еднаш се покажа дека, порано или подоцна, историјата се повторува и дека потценувањето на противникот или спротивставената страна, сѐ едно, се враќа како бумеранг. Зошто го велам ова?

Уште ни се свежи сеќавањата на 2003 година, кога во судирот Љубчо-Грујо за избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, немаше човек кој не застана на страната на „младиот, надежен, технократски и реформаторски ориентиран“ неталентиран боксер и некадарен актер. Почнувајќи од искусните партиски ветерани и борци, новата генерација политичари, па дури и тогашното раководство на СДСМ, сите до еден беа убедени дека изборот на Николче за нов лидер на партијата е добро за демократијата и, генерално, за напредокот на државата. Демек, во споредба со Љубчо „Бугаринот“ и Љубчо „забеганиот“, Грујо бил чист и невин како бебе!

Полоша процена на демократскиот капацитет на еден политичар, македонската политичка сцена не памети! Како Грујо се „заблагодари“ на довербата и на каков начин им возврати на сите ним, вклучително и на секој граѓанин на оваа држава, гледаме и денес. Истите тие кои некогаш го величеа, денес го именуваат како диктатор, фашист, cappo di tutti cappi. И притоа во ништо од кажаното не се далеку од вистината.

Истото тоа, само во обратен правец, денес му се случува на Грујо и неговата банда. Го потценија СЈО. Најмногу од сите, Катица Јанева. Сетете се само какви сѐ навреди и омаловажувања упатија на нејзина адреса. Ја прогласија за нестручна, некомпетентна, неелоквентна, недорасната за функцијата за која е избрана а за што, патем речено, и тие кренаа рака.

Во 25 годишното  искуство на практикување парламентарна демократија, немало случај на онакво петдневно изживување врз именуван државен функционер какво што на Катица ѝ приредија Владанка, Антонио, Солза и останатите портокалови подопашници. Нивните надежи дека ќе ја дискредитираат и „скршат“, дека ќе ѝ извршат психолошки притисок кој ќе резултира со нејзина оставка, се распрснаа како меур од сапуница.

Од сето тоа Катица излезе уште поцврста и порешителна. Наместо одговор, „специјалната“ удри онаму каде Фамилијата најмалку се надеваше: во тајните одаи каде се снимаа „сечените, лепени, креирани и монтирани“ разговори, во „царството“ на бате Саше. А таму најмногу боли!

И што се случи? СЈО vs УБК=КПД.

Или во превод: кога Специјалното јавно обвинителство ќе почне да ја „чешла“ Управата за безбедност и контраразузнавање, тоа значи дека широко ги отворила вратите на Казнено поправниот дом „Идризово“. А 11-ти декември само што не дошол.

Во доверба: не знам за вас, ама мене ми се гласа, ми се плачи!

Автор:

Чеге Вара                            Прилеп, ебаго!…….(132)     

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …