Најавените предлог-измени на Законот за животна средина кои се на дневен ред во Собранието ќе предизвикаат девастирачки последици врз животната средина и здравјето на граѓаните, алармираат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
И покрај сериозните ризици, предложените законски измени експресно поминале на собраниските комисии со осум гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, под превезот дека се усогласени со правото на Европската Унија.
Бришење на заштитните механизми и продажба на загадено земјиште
Според анализата на граѓанските активисти, власта ги елиминира клучните одредби за заштита од индустриското токсично наследство:
- Целосно се бришат членовите (од 28-а до 28-г) кои ја регулираат идентификацијата, управувањето и санацијата на контаминираните подрачја.
- Со укинувањето на Планот за управување, се отвора можност загадено земјиште слободно да се продава или дава под концесија, без купувачите воопшто да знаат дека купуваат контаминирана земја.
- Се укинува механизмот за координација меѓу институциите, општината и научните установи за постапување со државни контаминирани подрачја.
Тешка индустрија пред вратите на граѓаните
Една од најкритичните интервенции е во членот 20, со која се брише забраната за реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населено место или заштитено подрачје. Ова значи дека старите и одамна затворени индустриски капацитети, како оние во Скопје, ќе можат повторно да се активираат, да го прошират производството и дополнително да ги трујат граѓаните, што претставува катастрофален регресивен чекор.
Уривање на транспарентноста и партиски комисии
Дополнително, предлог-измените сериозно ги кратат правата на јавноста и стручните институции:
- Се брише обврската за задолжително аудио или видео снимање на јавните расправи и нивно објавување на интернет.
- Се ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата за загадувачките капацитети, овозможувајќи таа да биде целосно недостапна за јавноста.
- Се укинува децениската практика за прибавување стручни мислења од надлежните институции (здравство, економија, МВР), а безбедносните извештаи ќе ги анализира четиричлена комисија директно избрана од министерот.
- Доколку надлежните органи не достават мислење навреме, законски ќе се смета дека „немаат забелешки“, со што административното доцнење свесно ќе се користи за прикривање на реални проблеми.
Свесното ослабување на легислативата за животна средина е директна злоупотреба на европското знаменце, а тврдењето дека измените немаат фискални импликации е апсурдно бидејќи цената ќе се плати со здравјето на граѓаните.
Прочитајте повеќе критички осврти и експертски мислења во рубриката „Анализа“ на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место