Скопје и Софија пред нов обид за обновување на дијалогот

Скопје и Софија пред нов обид за обновување на дијалогот

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски,и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова се очекува да одржат средба во Софија в четврток (8 октомври 2026 година), на маргините на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека пристигнала потврда од Софијаи дека официјална средба ќе има.

„Ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа, дали ќе биде ‘пул асајд’ или билатералка, ќе видиме како домаќинот ќе го организира. Нашите пораки се јасни дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба која што во моментот се наоѓаме, дека сме за добрососедски односи и сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската унија, нешто што многу одамна го заслуживме“, рече Мицкоски.

Иницијативата за средбата дојде од македонска страна, по совет од претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Скопје.

Ниски очекувања од разговорите

Премиерот Христијан Мицкоски на 6 октомври порача дека не очекува конкретен резултат ниту суштински напредок од средбата. Тој претстојниот разговор го опиша како неформален дијалог „на коњопој“, алудирајќи дека однесувањето на официјална Софија не остава простор за големи очекувања.

Претходниот ден, при посетата на Теарце, Мицкоски оцени дека средбата со Урсула фон дер Лајен била исклучително квалитетна, содржајна и пријателска, демантирајќи ги, како што рече, толкувањата на опозицијата и на одредени медиуми блиски до неа дека бил незадоволен од пораките на претседателката на Европската комисија или од застојот на патот кон Европската Унија.

„Очекувам дека во периодот што следува конечно ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение за ситуацијата во која се наоѓаме“, нагласи премиерот.

И лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека нема високи очекувања од средбите со Бугарија. Според него, тие требало да се одржуваат многу порано и Министерството за надворешни работи треба редовно да комуницира со соседните држави.

„Нека оди министерот, тоа му е работа, прашањето е зошто не беше досега и што може да се очекува од таа средба. Јас повторно ќе кажам, ништо не очекувам, затоа што сè е изговор, овие луѓе не сакаат во Европа“, изјави Филипче деновиве на прес-конференција.

Спротивставени позиции на Скопје и Софија

Во пресрет на средбата, актуелно стана и прашањето околу пренесувањето на останките на цар Самоил од Грција во Бугарија.  Премиерот Христијан Мицкоски на 3 октомври одговарајќи на новинарски прашања, рече дека прашањето треба да се гледа низ призма на Бледскиот договор.

„Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија. Некој тоа го вика ‘администрирање’ од политичарите, за среќа што се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат“, изјави Мицкоски.

Од СДСМ, во пресрет на средбата, оценија дека Мицкоски ја поткопува комуникацијата со Софија. Тие посочија дека изјавите на премиерот за Бугарија во контекст на Втората светска војна дополнително ја отежнуваат атмосферата пред средбата.

„Пред заминувањето на Тимчо Муцунски на средба, Мицкоски зборува за капитулација на фашистичка Бугарија и за окупација на територијата на денешна Македонија во Втората светска војна. Не зборува за решение. Зборува за да не може ниту да се седне на масата. Сам вели: разговараме, не преговараме. Точно. Не преговара затоа што не бара исход. Бара конфликт што трае. Со Грција така. Со Бугарија така. Од кампањата до денес. Така не се оди ни кај сосед, а камоли во преговори за врата кон Унијата“, реагираа од СДСМ.

Кои се позициите пред средбата?

Македонската страна останува на своите досегашни позиции во однос на евроинтегративниот процес. Владата инсистира на јасна патека со однапред дефиниран исход и присуство на европски претставници во разговорите, без прифаќање нови еднострани услови.

Од Бугарија, пак, деновиве порачаа дека Софија е отворена за разговори, но не и за повторно преговарање на веќе постигнатите договори и преземените обврски. Бугарската потпретседателка Илијана Јотова изјави дека Бугарија е подготвена за комуникација, но без отстапување од европската рамка.

И покрај ниските очекувања, средбата во Софија се смета за важен чекор кон обновување на дијалогот меѓу Скопје и Софија по периодот на стагнација.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Шокантно сведоштво на мајката на претепаното девојче од Охрид: „Го прашуваше татко му дали да ја фрли во провалија“

Шокантно сведоштво на мајката на претепаното девојче од Охрид: „Го прашуваше татко му дали да ја фрли во провалија“

Ирена Ѓорѓиеска, мајка на претепаното девојче од Охрид кое сè уште се наоѓа на болничко …