Скопјани се возат во стари и често неисправни автобуси, што доведува до драматичен пад на патниците во јавниот превоз. За само десет години, бројот на годишно превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје се намалил од 52 милиони во 2015 година на само 22 милиони во 2025 година — пад од речиси 30 милиони патници. Овие податоци произлегуваат од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие.
Бројот на автобуси на ЈСП драстично се намалува
ЈСП Скопје во моментов располага со 341 автобус, но дневно исправни се само 185, од кои во сообраќај се пуштаат 157 автобуси. Пред десет години, претпријатието имало 430 автобуси, од кои 316 биле исправни. Тоа значи дека бројот на исправни возила е намален за над 40 %.
Со намалувањето на возниот парк, расте и просечната старост на автобусите. Денес таа изнесува 13,3 години и е во постојан пораст во изминатите десет години.
Последните обиди за обновување на флотата се во 2020 година, кога се набавени 33 автобуси „Ман“, и во 2021 година, кога се отпишани дел од најстарите возила. Најстарите автобуси сè уште во употреба се десетте „Санос“, стари по 30 години. Од постара генерација се и кинеските „Јутонг“ и украинските „ЛАЗ“, кои веќе имаат над 13 години работа.
Доминираат „Јутонг“ и „ЛАЗ“, малку еколошки возила
Според истражувањето на ЦГК, последните обиди за обновување на флотата се во 2020 година, кога се набавени 33 автобуси „Ман“, и во 2021 година, кога се отпишани дел од најстарите возила. Најстарите автобуси сè уште во употреба се десетте „Санос“, стари по 30 години. Од постара генерација се и кинеските „Јутонг“ и украинските „ЛАЗ“, кои веќе имаат над 13 години работа.
Само 10% од автобусите имаат современ Еуро 6 еколошки стандард. Повеќе од 63 % се со Еуро 5, а остатокот со најнискиот Еуро 4. „Најмлади“ во флотата се шесте еколошки автобуси од турската марка „БМЦ“, донирани од Европската Унија во 2025 година.
Патниците се преполовени
Проблемите со старата и недоволно функционална флота доведоа до голем пад на бројот на превезени граѓани. Во 2015 година ЈСП превезувал 51,6 милиони патници, а во 2025 година само 22 милиони.
Падот се продлабочувал по Ковид-кризата: во 2024 година бројот на патници се намалил за уште 6 милиони, а во 2025 година за дополнителни 3 милиони. Само за 10 години, ЈСП изгубил 30 милиони патници годишно, се посочува во истражувањето.
Финансиската состојба е стабилна, благодарение на субвенциите
И покрај падот на патници, годишните приходи на ЈСП остануваат релативно стабилни — просечно 29 милиони евра.
Околу 50% од приходите доаѓаат од продажба на превозни услуги, а 40% од субвенции, најмногу за бесплатен превоз и за надминување тешкотии во работењето.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски неодамна најавија набавка на 100 нови современи и еколошки автобуси. Засега нема конкретен датум кога овие возила ќе пристигнат и ќе се вклучат во јавниот превоз.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место