Скопска пошта: Властите 8 години го игнорираат проблемот, изгореното ремек дело скапува во заборав [галерија]

Скопска пошта: Властите 8 години го игнорираат проблемот, изгореното ремек дело скапува во заборав [галерија]

Кобното јануарско попладне во 2013 година, Шалтер салата на Пошта изгоре без никаква најава. Наместо аларм за пожар, пожарникарите беа повикани од граѓаните од околните згради. Репрезентативното здание изгоре како неосигурено, а заедно со него исчезнаа и петте големи кубистички фрески со мотиви од НОБ на Борко Лазески. Сепак, се чини дека заборавот и тоталната незаинтересираност за Шалтер салата по пожарот му ја нанесе најголемата штета на објектот, удирајќи со нашата игнорантност како општество директно врз вредноста и значајноста на овој објект.

Пред да се случи катастрофалниот пожар, Шалтер салата претставуваше централна пошта во Скопје. Откако пламените јазици го уништија објектот, тогашната власт навлезена во виорот на „Скопје 2014“ што самата го создаде, едноставно не ја интересираше иднината на објектот Пошта-1. Државното поштенско претпријатие најпрво се одлучи да го обнови канцеларискиот простор што беше уништен во пожарот, но никогаш по 2013 година не се одлучија повторно Шалтер салата да ја претворат во централна пошта. Во следната фаза, замислата беше Шалтер салата да се претвори во услужна точка за населението, од каде граѓаните на едно место би можеле да завршат работа кај различни државни институции. Но, не бидна ни тоа.

Последната иницијатива за заживување на Шалтер салата на објектот Пошта-1 доаѓа од новото раководство на АД „Пошта на Северна Македонија“, кои испратија повик за вклучување на стручната јавност во акција за обновување и заживување на ова бруталистичко здание во центарот на Скопје. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) позитивно одговори на повикот, воспоставувајќи долгорочна соработка за дефинирање на статусот и третманот на Шалтер салата. Претседателот на ААМ, Мишко Ралев изјави дека салата треба да се обнови како архитектонско наследство и да се користи за потребите на културата.

Во меѓувреме, пеплосаните ѕидови, неисчистените простории, надворешните атмосферски влијанија и зиме и лете продолжуваат да го уништуваат објектот. Веќе осма година по ред, не може да се најде време за објектот да се впише во Регистарот на културно наследство од страна на Управата за заштита на културното наследство на Македонија. Наместо кај нас, објектот својата вредност и значење ја добива од „Еуропа Ностра“, најрепрезентативната организација во Европа што се грижи за културното наследство. Централната пошта е вброена меѓу 12-те најзагрозени објекти од културното наследство во Европа за 2021 година.

„Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година, а како последица на тоа, оригиналната купола, муралите, осветлувањето и мебелот направени по нарачка или беа целосно уништени или доживеаја сериозно оштетување. Објектот денес е во уште поголема опасност од неискористеноста и влошувањето на состојбата. Бидејќи зградата и понатаму нема покрив, таа страда од директна изложеност на атмосферски влијанија, со дожд и снег што влегуваат во нејзината внатрешност“, се вели во образложението на „Еуропа Ностра“ за загрозеноста на Шалтер салата на објектот Пошта-1.

И додека се наоѓаме како општество на столбот на срамот во меѓународни рамки, треба да се потсетиме дека архитект Јанко Константинов ја има добиено Наградата „11 Октомври“ за архитектура и уметност, доделена во 1975 година токму за ова здание. Шалтер салата е една од трите фази на изградбата на Телекомуникацискиот центар на Скопје, проект кој завршува со градба на крајот од 80-тите години на минатиот век со некогаш застаклениот, а денеска унаказен објект-седиште на МЕПСО.

Професор Михаил Токарев, во „50 години обнова и изградба на Скопје (1963-2013) Историско-критички поглед на архитектурата“, за Телекомуникацискиот центар ќе напише дека е направен со аналогна интерпретација на формите од тврдината Кале што се наоѓа на спротивниот брег од реката Вардар. Ова може да се согледа од употребените цилиндрични кули, лачните прозорски отвори и од рапавата натур-бетонска фасада. Истовремено, посочува Токарев, аркадниот систем на првото и последното ниво потсетува на лаковите од соседниот стар Камен мост.

Архитект Јанко Константинов, автор на Шалтер салата, по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1964 година се враќа во земјава од Калифорнија за да се вклучи во обновата на разрушениот град. Неговата 10-годишна работа и стекнато искуство од Копенхаген, Столкхолм и Лос Анџелес се одлучил да ги примени во Скопје. Шалтер салата е проектирана во сегашниот скулптурален облик во 1973 година, откако претходно во 1968 година почнала изработка на првичното, нереализирано идејно решение на целокупниот Телекомуникациски центар. Како втора фаза од изградбата на овој центар, Шалтер салата е изведена во периодот 1979-1981 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …