Меѓу многубројните странски зборови кои се користат во евроинтегративниот процес, најактуелен е „скрининг“. Во случајов на преговорите со ЕУ означува процес кој треба да овозможи оценка на состојбата на усогласеност на земјата со барањата на обврските на една држава членка на ЕУ.
Ќе се осврнеме на неколку клучни аспекти на скринингот: неговата содржина, динамика, главните актери, клучните разлики согласно новата методологија и кон што овој процес натаму ќе води.
Најпрвин, во поглед на содржината. Состојбата која се скенира во овој случај е усогласеноста на Северна Македонија со она што се нарекува acquis на Унијата. Најкусата дефиниција за acquis e корпус на заеднички права и обврски задолжителни за државите членки. Опфатот на acquis коешто ние треба да го усвоиме е прецизно даден во Преговарачката рамка. Тоа се најпрвин основачките договори на Унијата – и тоа во широка дефиниција „содржината, принципите, вредностите и политичките цели на Договорите на кои Унијата се заснова“. Втор елемент е целото законодавство донесено врз основа на нив (и правнообврзувачкото и необврзувачкото), вклучувајќи ја и практиката на Европскиот суд на правдата, трет – меѓународните акти склучени од Унијата или меѓу државите членки.
Она што е значајно е дека прифаќањето на acquis не е единствениот услов за членство. Условите за членство според нашата Преговарачка рамка поаѓаат од познатите Копенхагенски критериуми (политички, економски и усвојувањето на acquis), но ги содржат и исполнувањето на условите од Процесот на стабилизација и асоцијација, како и во македонскиот случај – специјалните услови кои произлегуваат од билатерaлните договори со Грција и Бугарија. Тоа значи дека скринингот е процес кој не ги опфаќа сите услови од преговорите, туку само еден од нив – усогласеноста со acquis. Клучен актер во скринингот од страна на институциите на ЕУ е Европската комисија.
Може да издвоиме три фази на скринингот:
- Објаснувачки скрининг;
- Билатерален скрининг;
- Извештаи од скринингот.
Објаснувачкиот скрининг е делот во кој Европската комисија го презентира acquis, и е веќе во тек. Неформално една фаза веќе се спроведе во 2018-2019 година, така што сега само се ажурира она што веќе е презентирано. Иако главната улога овде ја има Европската комисија, значајна е подготовката на националните делегации (македонската и албанската, за кои процесот на скрининг засега се одвива заедно), кои имаат можност да постават прашања на Комисијата.
Веќе во билатералниот скрининг улогите се сменети, па земјата кандидат треба да прикаже кој е степенот на усогласеност на нејзиното законодавство и структури со она на acquis, вклучувајќи го и спроведувањето. Меѓутоа, треба да ги прикаже и плановите за усогласување, како и потребните ресурси. Ново, во нашиот билатерален скрининг е и што треба да се изрази интересот, односно нашите приоритети за т.н. „забрзана интеграција“.
Досега, во објаснувачкиот скрининг, Европската комисија го почитува принципот да го презентира acquis, а не и другите услови поставени во Преговарачката рамка. Во билатералниот скрининг македонската страна треба да се задржи на усогласеноста со таа рамка и содржина, без да се проширува „доброволно“ на останатите услови. Што се однесува, пак, до степенот за усогласеност со acquis, за држава која 17 години подготвува Национална програма за усвојување на правото на ЕУ и минала низ 15 циклуси на институционален дијалог во процесот на стабилизација и асоцијација, ова навистина не би требало да биде проблем. Сепак, политичко влијание и континуираното слабеење на капацитетите на администрацијата, но пред сѐ, отсуството на сопствена визија и план, се ризиците како во билатералната фаза на скринингот, така и за следните фази на преговорите.
Според календарот, објаснувачкиот и билатералниот скрининг се одвиваат напоредно. Објаснувачкиот (поточно, неговото ажурирање) започна на 15 септември, а треба да заврши на 12 септември 2023 година. Билатералниот треба да започне на 11 ноември 2022 година, а да заврши на 24 ноември 2023 година. Тоа би значело дека овие две фази од скринингот ќе траат нешто повеќе од една година (но, само ако не се смета веќе завршениот прв дел од објаснувачкиот скрининг кој траеше околу една година). Со слично времетраење беше скринингот за Црна Гора (една година) и за Србија (една година и два месеци). Разликата се појавува кај извештаите од скринингот – за Црна гора се сите поглавја се објавени шест месеци по скринингот, за Србија – скоро три години потоа. Видливо е дека динамиката е секогаш во рацете на европските институции и под силно влијание на политиката.
Токму третата фаза – извештаите од скринингот, кој ги составува Европската комисија и ги доставува до Советот – земјите членки се, најзначајната фаза на скринингот, кој треба да ја даде дијагнозата, но и да ја предложи терапијата низ препораките содржани во него. Извештајот од скринингот е и врската до следната фаза од преговорите која веќе преминува во рацете на Советот. Иако таа фаза отсекогаш била политичка, претставниците на Европската комисија на објаснувачкиот скрининг веќе дигнаа „кочница“, не навлегувајќи во патоказите кои треба да следат како одговор на извештаите за скринингот. Единствено го нагласија нивниот политички карактер, во согласност со политичкиот карактер на преговорите нагласен со новата Методологија. Инаку, за разлика од досега, извештаите од скринингот ќе се презентираат по кластери, а не по поглавја.
Во специфичната македонска ситуација, кога преговарачката рамка не е ни објавена, ниту е одржана меѓувладината конференција со која треба да заврши „фазата на отворање на преговорите“, јасно е дека ниеден извештај нема да се објави пред нејзиното одржување, а динамиката – на скринингот и на сите натамошни фази – ќе биде силно политички диктирана.
Извор: МЕТА