Слободата на умот нема цена

Пишува: Габриела Илиевска

Првото полувреме за нас е завршено…следува второто. Не сакам да се однесуваме согласно нашиот синдром кога на спортските натпревари веќе на полувреме ја славиме победата. Ако не сакаме да има “продолженија“, во второто полувреме нѐ чека многу игра.

Сакам да верувам дека од денес ќе живееме во ново општество. Општество во кое нема со шепотење да зборуваме за лидерот, без разлика како тој се викал. Сакам општество во кое на цел глас ќе можам да ги кажам сопствениот став и мислење, небитно дали тоа ѝ се допаѓало на власта или не. Не сакам генерали, посебно не оние кои до вчера ми велеле дека “за идеале гину будале“, а тие ќутеле бидејќи со зборување ништо не можело да се смени.

Сакам да сме слободни. За мене не е слобода кога треба да аплаудирам некому иако не се согласувам со неговото мислење. За мене е слобода кога гласно го кажувам сопствениот став кој е различен од оној на лидерот и кога имам можност за него да водам дебата. Од денес сакам да верувам дека за да бидеш почитуван не мора да си член на партија, посебно не на онаа која е на власт, туку фактот дека си слободоумен граѓанин да биде доволна причина почитта да се заслужи.

Сакам да одам на работа и таму да не морам никому да му бидам “мнозинство“ во градењето на неговиот став, туку да имам можност да го бранам сопствениот. Сакам да се чувствувам слободно кога на цел глас викам „Двојче е криминалец“! И да продолжам да викам сѐ додека не одговара секој оној кој го дал својот “придонес“ во уништувањето на мојот град. Таква слобода сакам. Сакам да верувам дека и сите оние кои вчера се радуваа го посакуваат истото…

Мојата надеж дека духот на слободата присутен во вчерашната среќа на денот ќе го има и во времето кое доаѓа, не е умрена. Сакам да верувам дека за слободата, онаа која ја посакувам и очекувам, ниедна цена не е превисока. Оти без неа ниту на полувремето ќе има победник, ниту гласноста ќе го надвладее шепотењето.

Прочитајте повеќе

Пендаровски

Зошто пак ќе гласам за Пендаровски

Со изборот на Стево Пендаровски и коалицијата за членство во ЕУ, современиците имаат историска шанса, …