Првите сателити на Словенија, NEMO-HD и TRISAT, беа лансирани во вселената во четвртокот со ракетата Вега ВВ16, информираат од словенечкото Министерство за економија.

Европската вселенска агенција ја лансираше ракетата Вега од Француска Гвајана носејќи во орбитата 53 сателити од 21 клиент од 13 земји, се вели во соопштението на Министерството.

Лансирањето беше одложено неколку месеци поради пандемијата со ковид-19 и неповолните временски услови.

Микросателитот NEMO-HD со тежина од 65 килограми е дел од иновативниот и ефективен систем за далечинско насетување развиен од словенечкиот Центар за извонредност за вселенски науки и технологии. Тој има нов концепт за набљудување на Земјата со комбинирање на интерактивно видео во реално време и мултиспектрално снимање.

Наносателитот ТRISAT со тежина од 5 килограми е развиен од Универзитетот во Марибор, базиран на платформа на словенечката компанија SkyLabs. Тој има за цел да ги демонстрира словенечките вселенски технологии во орбитата, земајќи ги предвид најновите трендови на минијатуризација и да се фокусира на далечинско насетување на површината на Земјата преку минијатуризиран мултиспектрален оптички сензор.

Извор: МЕТА