Словенија ќе добие нов претседател во вториот круг избори

Словенија ќе добие нов претседател во вториот круг избори

По првиот круг од претседателските избори во Словенија, предност има екс-министерот за надворешни работи Анже Логар. Во вториот круг во ноември може да победи и активистката за човекови права, Наташа Пирц Мусар.

На актуелниот словенечки претседател, Борут Пахор, не му беше дозволено повторно да се кандидира по два мандати, вториот истекува во декември. Околу 1,7 милиони гласачи во земјата беа повикани во неделата на 23 октомври да изберат меѓу 7 кандидати нов претседател или претседателка.

Поранешниот министер за надворешни работи Анже Логар доби најмногу гласови во првиот круг на претседателските избори во Словенија.

По пребројувањето на 99,9 отсто од гласовите, конзервативниот политичар вчера вечерта имаше 34 насто. Кандидатката на левиот центар Наташа Пирц Мусар доби 27 отсто од гласовите.

Бидејќи, како што и се очекуваше, ниту еден од кандидатите не доби над 50 насто од гласовите во првиот круг, вториот меѓу Логар и Пирц Мусар ќе се одржи на 13 ноември.

Анже Логар беше министер во поранешната конзервативна влада на Јанез Јанша, кој ја помести Словенија надесно и се соочи со обвинувања за недемократска политика и политика на поделба. Јанша загуби на парламентарните избори во април од либералниот политичар и актуелен премиер Роберт Голоб.

Анже Логар влегува како фаворит во вториот круг на претседателските избори во Словенија
Анже Логар влегува како фаворит во вториот круг на претседателските избори во Словенија

 

Премиерот Голоб, во кампањата за претседателските избори го поддржа социјалдемократот Милан Брглез, но тој доби само 15,4 отсто од гласовите. Голоб вчера вечерта за вториот круг од изборите изрази поддршка за Наташа Пирц Мусар. Таа претставува вредности „блиски до нашите“, рече премиерот на телевизија.

Пирц Мусар (54), влијателна правничка и поранешна шефица на словенечкиот орган за заштита на податоци, би била прва жена претседател во земјата ако биде избрана. Таа водеше кампања за прашањата за човековите права и за владеење на правото. „Се радувам на вториот круг. Се радувам на финалето“, рече Пирц Мусар.

Наташа Пирц Мусар би можела да дојде до победа во вториот круг и покрај заостанување зад Логар
Наташа Пирц Мусар би можела да дојде до победа во вториот круг и покрај заостанување зад Логар

 

Вториот круг од изборите би можел да се заврши многу тесно. Аналитичарите укажуваат на тоа дека избирачите од центарот и од либералите би можеле да се најдат зад Пирц Мусар. Победата на Логар во вториот круг би можела да се протолкува како неуспех на Голоб кој го исфрли Јанша.

Иако функцијата претседател во Словенија главно е церемонијална, претседателот ја предводи војската и е одговорен за именување на неколку највисоки претставници, вклучувајќи го и гувернерот на централната банка.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …