Случај „Рекет“: Јовановски и Ременски разменуваат пораки за Камчев и „Империја“

Случај „Рекет“: Јовановски и Ременски разменуваат пораки за Камчев и „Империја“

Фросина Ременски, Дејан Панделевски и Катица Јанева се лицата со кои обвинетиот Бојан Јовановски имал смс комуникација. Јовановски и неговата мајка биле на шопинг во Милано тежок 148 илјади евра, неколку дена по посетата на домот на Камчев и примопредавањето на торбата со пари.

Бојан Јовановски и Фросина Ременски во комуникација разменуваат пораки за текот на истрагата за случајот „Рекет“, судскиот совет во Апелацискиот суд кој треба да одлучува околу притворот на Камчев, на Јанева пак и испраќа слики од мебел додека со Дејан Панделевски син на Цветан Панделевски, пораките се однесуваат на бројки.

Пораките од вештачењето на запленетиот мобилен телефон на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, беа презентирани на денешното рочиште како материјални докази.

„Моите информации велат дека утре Апелација ќе одлучува за ослободување на Камчев“, му пишува Фросина Ременски на Јовановски во СМС порака на мрежата „Ватсап“ испратена на 24 декември 2018. Јовановски враќа порака „Не“, а Ременски пак му одговара – „Дај боже“ и потоа ги набројува по имиња судиите од Апелацискиот суд со имиња кои ќе одлучуваат за притворот на првоосомничениот во „Империја“ – Орце Камчев. СМС комуникацијата меѓу Ременски и Боки продолжува со друга порака, во која таа го информира дека пратеникот Антонио Милошоски во Собранието поставил прашање за „Коки“. Јовановски го следи обраќањето на тогашниот премиер Зоран Заев и испраќа две пораки до Ременски, „Па он кажува дека ќе има истрага“ и „направи катастрофа“. Одговор од Ременски нема.

На денешното рочиште се читаа и пораките кои обвинетите Бојан Јовановски и екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева си ги разменувале на телекомуникациската мрежа „Ватсап“. Нивната комуникација започнала на 25 февруари 2019 година. Боки 13 на Јанева и испраќа неколку фотографии од мебел, со коментар “Одбрав, стигнати се”!, а одговор од Јанева нема, или пак обвинителството не ги прочита. Овие пораки најверојатно се однесуваат на мебелот вреден околу 300.000 денари, кој беше запленет од домот на Јанева при нејзиното приведување.

Во рамките на презентирањето на материјалните докази, во судницата беа прикажани снимки од камерите во куќата на првоосомничениот во случајот „Империја“, Орце Камчев кои тој ги достави до Обвинителството. Милевски и Јовановски се снимани од три камери поставени во домот и дворот на Камчев. Дел од овие снимки ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“. На едната снимка се гледа како влегува Зоран Милевски – Кичеец, а по кратко време излегува од куќата на Камчев. Истиот ден, неколку часа подоцна влегуваат Јовановски и Милевски. Од истата камера околу еден час подоцна се гледа Кичеец како излегува со торба „Луј Витон“ и Боки 13 со друга торба, додека Камчев ги испраќа.

На судењето беа презентирани и фискални сметки од шопинг на Јовановски и неговата мајка Јасмина, во Милано – Италија, неколку дена по примопредавањето на торбата со пари во домот на Камчев. Двајцата пазарат исклучиво во скапи и брендирани продавници, а вкупната сума на фискалните сметки со кои расплага обвинителството е 148.000 евра.

Рочиштето почна тензично, откако Јовановски со висок тон и се обрати на обвинителката Вилма Рускоска поради што беше отстранет од судницата.

„Вршите торутра врз мене, Господ ќе ви врати корумпирана обвинителке“, кажа Јовановски држејќи медицинска документација на која според неговите зборови стои дека тој има карцином на желудникот.

Судењето за „Рекет“ продолжува утре и Обвинителството ќе продолжи со изведување на материјалните докази.

Извор: Глас на Америка

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …