Судењето за предметот на СЈО „Титаник“ продолжи денеска во Кривичниот суд со слушање на прислушуваните разговори од доказниот материјал на обвинителството.
На денешното рочиште, во прислушуваните разговори се слуша како се одвиваат подготовките за локалните избори во 2013 година, односно како во телефонски разговор на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорка на дом за деца без родители пребројуваат колку од штитениците наполниле 18 години и стекнале право на глас.
На минатото рочиште беа пуштени прислушувани разговори во кои се слушаше како Јанакиески бара од неговите соговорници да најдат противкандидати на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година, како и тоа дека за таа услуга се бараат пари за поткупување на противкандидатите.
Беа пуштени и разговори во кои се слуша како поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за нерегуларности во избирачките списоци на соговорник му вели дека и покрај забелешките „нема да има проблеми“, бидејќи од ДИК претходно рекле дека се е ОК. Во еден од разговорите Јанкулоска откри дека на една адреса се воделе по 50 луѓе.
Покрај тоа, се слушаат и разговори во кои Јанакиески договара превоз за Албанците од земјите во Европа, со цел што поголем број од нив да дојдат во македонија и да гласаат на изборите.
„Имаме 14 автобуси од Италија, 16 од Швајцарија и плус од Австрија и Словенија, само да не им прават проблем на граница, а 8 чартери досега се сигурни“, вели Јанакиески.
Во предметот „Титаник“ обвинет е и поранешниот премиер Никола Груевски, како и други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.