Случајот со смртта на пациентката во Штип станува дел од морбиден предизборен маркетинг

Случајот со смртта на 41-годишната пациентка што почина во болницата во Штип се претвора во поле за морбиден партиски натпревар за собирање политички поени пред предвремените локални избори во општина Штип кои треба да се одржат за околу еден месец.

Така, координаторот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип и пратеник во македонскиот парламент, Иван Јорданов, денеска, уште пред да заврши истрагата за случајот, го обвини директорот на болницата Ален Ѓеоргијев дека пациентката починала додека тој бил дежурен, алудирајќи дека токму директорот е виновен за нејзината смрт.

„По направениот инспекциски надзор, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение му е дадено овластување на директорот веднаш да ја свика Комисијата за следење на квалитет која ќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход. Значи случајов со смртта на пациентката која не добила кислород треба да го испитува и решава директорот на клиниката, кој бил дежурен тој ден, а е познато дека е близок кадар на Венко Филипче“, рече Јорданов.

По ваквото тврдење, извинување побараа и министерот за здравство Венко Филипче и директорот на болницата во Штип, Ален Ѓеоргијев.

„Злоупотребувајќи ја трагедијата на починатата пациентка, најдрско собирате евтини политички поени на грбот на нивната несреќа. Но, отидовте и чекор подалеку, исмевајќи го и мојот изнуден ангажман за дежурање на Инфективно, најбезобразно ме поврзавте мене со смртта на пациентката, тврдејќи дека починала на мое дежурство и ставајќи се во улога на судија и обвинител барате одговорност од мене. Јас тврдам со полна, кривична морална и материјална одговорност, дека пациентката починала пет часа пред моето доаѓање на дежурство“, рече Ѓеоргијев.

Министерот Филипче соопшти дека независен надзор го истражува случајот со починатата пациентка и побара итно извинување од Јоранов, а во моментов течат законските рокови за случајот во пациентката од Штип.

„Директорот на болницата најдоцна до утре треба да испрати извештај до ДСЗИ, по што ќе се формира Комисија за вонреден стручен надзор. Ова е независен надзор и апсолутно е неточно дека директорот на болницата самиот на себе ќе си врши надзор, како што наведува ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата или не го познаваат системот на надзори или свесно манипулираат, како што всушност се однесуваат цели осум месеци од почетокот на кризата. Барам итно извинување за ова грозно обвинување во спротивно ќе поднесам тужба за клевета“, објави министерот Филипче.

Дека до утре директорот Ѓеоргијев и Клиничката болница од Штип до ДСЗИ треба да го достават извештајот за починатата пацинтка, кој изминатите денови го работеше Комисијата за квалитет на работењето, потврди и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Ирина Бухова.

Според Бухова, во време кога починала жената, во одделението имало 56 пациенти, а два тима на лекари и медицински сестри ги опслужувале пациентите со по 12 часа работа. Во секој тим има по тројца доктори – задолжително еден инфектолог и по двајца други специјалисти.

По овој случај, раководството на Клиничката болница најави дека ќе следи нова организација на работата во Инфективното одделение, а вчера се поставени уште две телефонски линии, откако претходно ќерката на починатата 41-годишна пациентка кажа дека нејзината мајка повеќе пати се обидувала да ги добие медицинските сестри на телефон, но не успеала.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …