Службен весник: Законот за јазиците е објавен согласно Уставот

Службен весник: Законот за јазиците е објавен согласно Уставот

Од „Службен весник на Република Македонија“ со соопштение објавено на веб-страницата денеска порачаа дека согласно Уставот, биле задолжени да ги објават Законот за ратификација на Преспанскиот договор и Законот за јазиците, кои не беа потпишани од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

„Двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Македонија најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување). Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска“, се вели во соопштението.

Претходно имаше бурни реакции во јавноста и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека законите се објавени спротивно на правото и Уставот. Од Службен весник велат дека сите обиди да се наруши угледот на оваа институција ќе бидат проследени со тужби.

„ЈП Службен весник на Република Македонија е професионално јавно претпријатие и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед. За секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија ќе биде поведена соодветна судска постапка“, порачуваат од ова јавно претпријатие.

Инаку, законите се објавени без потписот на претседателот Иванов, а на местото каде треба да стои неговиот своерачен потпис е само неговото име, со фуснота дека  дека претседателот на државата е должен да го потпише законот, бидејќи на 14 март 2018 година и вторпат бил усвоен со мнозинство гласови од пратениците, според член 75, став 3 од Уставот.

Вториот дел од фуснотата објаснува дека „поради неизвршување на горенаведените обврски од страна на Претседателот на Републиката“, а поради обврската од член 52 од Уставот, претседателот на Собранието е должен да го достави Законот за јазиците во Службен весник за негово објавување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ЈЗУ Општа болница Прилеп: Изјавата на Александар Николоски од ДПМНЕ е лага и груба манипулација со политичка позадина

ЈЗУ Општа болница Прилеп: Изјавата на Александар Николоски од ДПМНЕ е лага и груба манипулација со политичка позадина

Реакција на Кети Смилеска, директорка на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ Прилеп на вчерашната изјава …