Руските научници остро ја критикуваа одредбата на Кремљ за рестрикција на нивните средби со странски научници, додека пак рускиот државен врв се правда дека тоа е потребно поради надворешна шпионажа.
Руското министерство за образование уште во февруари ја издаде оваа одредба, но деталите од истата дури сега се појавија во јавноста.
Според одредбата, руските научници кои што работат за државата се советуваат со странските државјани да се состануваат само со придружба и со претходно одобрение.
Руската научна заедница остро ја критикуваше оваа, како што некои медиуми во Русија ја нарекуваат – „диктаторска“ одредба, но од Кремљ порачаа дека истата е потребна за да се заштитат државните индустриски тајни од странска шпионажа.
Одредбата им наложува на научниците да ги известат своите надредени минимално 5 дена однапред доколку планираат да се состанат со било кои странски научници и после тие состаноци да поднесат извештај во кој ќе образложат за што се разговарало на нивната средба.
Угледниот руски научник Александар Фрадков им испрати отворено писмо на властите од Кремљ, во кое ја критикува одредбата и бара истата или да се ревидира, или пак целосно да биде повлечена.
„Таквите смешни и невозможни одредби нема да помогнат во безбедноста на нашата земја. Тие ќе доведат само до уште поголема изолација од развиените земји и ќе ја дискредитираат руската државна власт“, истакна Фрадков.
Извор: Точка